Ресторан за бургери во Сеул, главниот град на Јужна Кореја, се разликува од вообичаените ресторани за брза храна затоа што роботи ги служат клиентите.
Од нарачката до преземање на истата, на клиентите не им е потребна интеракција лице в лице. Сè што треба да сторат е да кликнат на менито што го сакаат на екран, да платат и да чекаат робот да ја донесе нарачката на местото за подигање, пренесува „Асошијетед прес“.
Додека ја чекаат својата храна, клиентите фотографираат или од љубопитност ги набљудуваат роботите во форма на капсула, што потсетуваат на популарните мињони од анимираниот филм „Despicable Me“.
Жолтата и црната се бои што доминираат во ресторанот за брза храна „No Brand Burger“ и создаваат чуство тој да наликува на продавницата за играчки.
– Ова е првпат да видам такви роботи, па тие се навистина неверојатни и забавни – изјавил Шин Хјун Су, канцелариски работник што ја пробал услугата.
Бае Еунјанг, менаџер на ресторанот го објаснил процесот на работењето: Кога клиент порачува во киоскот, роботот автоматски се испраќа во кујната. Таму, автоматизирана машина за готвење започнува да ги загрева лепињите и плескавиците. Човечкиот персонал има задача да ги додаде преливите и сосовите на зготвените сендвичи пред да ги завитка и да ги предаде на роботот за носење.
– Клиентот може да ја земе храната без директен контакт со персоналот – додава менаџерот Бае.
Овој ресторан за брза храна се смета за важно место за продажба во услови на ограничувањата поради пандемија на коронавирус.