Ријана

 Поп-ѕвездата Ријана за првпат се најде на листата на „Форбс“ за најбогати самостојни жени во Америка, пренесува „Фокс бизнис“.

Таа е 33-та на списокот со богатство од 600 милиони долари. Ријана најголемиот дел од своето богатство го заработи од музиката и нејзината линија за козметика „Фенти бјути“. Таа е косопственичка и на групата луксузни производи „Ел-ви-ем-екс“. Ријана, која е по потекло од Барбадос, исто така е косопственичка на линијата за долна облека „Савиџ Екс Фенти“.

– Ја имаме оваа неверојатна емотивна врска со клиентите кои никогаш порано не биле во можност да ја пронајдат својата нијанса на основа за шмикање, жени расплакани на штадови за шминка, лудост е и самата помисла за тоа. Првата жена што ја видов става шминка на лицето беше црна жена, мајка ми, и кога ќе помислам на моите клиенти, сакам секој да се чувствува дека може да си ја најде својата боја и дека е претставен како дел од оваа нова генерација – кажала Ријана во интерју за магазинот „Вог“, зборувајќи за успехот на нејзината линија за шминка.

Ријана е вклучена во сите аспекти од работата на нејзината линија за шминка „Фенти бјути“.

– Јас имам 100-процентно учество во овој процес, што го прави ова толку посебно и многу забавно. Имам многу креативна слобода од производ до пакување и тоа е единствениот начин на кој овој бренд ќе остане верен на мојата визија – објаснила Ријана за магазинот „Тајм“.

За време на пандемијата, Ријана беше една од најдарежливите меѓу славните личности, донирајќи повеќе од осум милиони долари. Таа донирала милион долари за сиромашните во Њујорк, 2,1 милиони долари за жртвите на злоупотреба во Лос Анџелес и пет милиони долари на други добротворни организации преку нејзината фондација „Клара Лионел“, објави „Форбс“.