Тапанарот на легендарните ливерпулски бубачки „Битлси“, Ринго Стар, деновиве беше прогласен за витез во Бакингамската палата, а по церемонијата славниот музичар се пошегува со новинарите, велејќи дека отсега очекува покрај името да му ја додаваат и титулата.
Ринго Стар (77) на свеченоста се појави со својата сопруга Барбара Бах, а за витез го прогласи принцот Вилијам, кој му го врачи церемонијалниот меч, со што тој стана сер Ричард Старки, односно како што се неговото вистинско име и презиме.
– Не знам како соодветно да ја користам оваа титула, но очекувам вие да ја употребувате – се пошегува Ринго Стар со новинарите покажувајќи им го одликувањето.
Музичарот, кој потекнува од Ливерпул, денес живее во Лос Анџелес, а признанието го доби за неговата работа во областа на музиката. Тој од 1962 година беше дел од „Битлси“, заедно со Џон Ленон, Пол Макартни и Џорџ Харисон. За разлика од него, Макартни беше прогласен за витез пред 21 година.