Поп-пејачот Рики Мартин деновиве го прослави својот 48. роденден, а најпосебен му бил ланскиот. Тој и неговиот сопруг Иван Јосеф (35) тогаш на Бадник ѝ станале родители на малата Луси Мартин-Јосеф, која ја добиле преку сурогат-мајка. На крајот на октомври пристигна и синчето Рен, па заедно со претходните две деца, што ги доби исто така преку сурогат-мајка, славниот пејач сега има четири деца.
Пејачот уште од малечок сакал да има големо семејство, но тоа не било лесно. Бидејќи е од Порторико со години ја криел својата хомосексуалност и се срамел да го каже тоа гласно.
По долго криење, во март 2010 година тој на својата интернет-страница објави дека е геј. Денес честопати истакнува оти жали што порано не признал дека е хомосексуалец.
– Сега сум геј-човек. Да знаев дека е толку добро чувството, ќе го признаев тоа десет години порано – изјавил популарниот латинопејач.