ГЛОБАЛЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА ИСХРАНАТА ВО СВЕТОТ
Речиси половина од светското население е на лоша исхрана, што е штетно за здравјето, но има и негативни последици за планетата на која живееме, се вели во годишниот извештај на организациите ОН, ФАО, СЗО и УНИЦЕФ, насловен „Глобален извештај за исхрана“ (ГНР).
Според ГНР, 48 проценти од луѓето во светот моментално консумираат премногу или премалку храна. Доколку продолжи сегашниот тренд, светот нема да успее да исполни осум од деветте цели за храна на Светската здравствена организација (СЗО) до 2025 година. Конкретно, ова се однесува на намалувањето на бројот на деца со недоволна тежина за нивната висина, заостанувањето на децата во развој (се однесува на деца што се премали за нивната возраст), како и на намалувањето на бројот на дебели возрасни.
Во извештајот се вели дека речиси 150 милиони деца низ светот, на возраст под пет години, заостануваат во физичкиот развој, над 45 милиони се со недоволна тежина за нивната возраст, а во исто време речиси 40 милиони од нив во светот страдаат од прекумерна тежина. Извештајот, исто така, открива дека повеќе од 40 отсто од мажите и жените во светот се дебели или со прекумерна тежина, што во бројка е околу 2,2 милијарди луѓе.
– Бројот на смртни случаи што може да се избегнат или да се спречат поради неисхранетост се зголеми за 15 отсто од 2020 година и денес претставува една четвртина од сите смртни случаи кај возрасните во светот – изјави претседателот на групата независни експерти за ГНР, Рената Миха, за „Асошиејтед франс прес“.
– Глобалните резултати што ги добивме сугерираат дека исхраната на населението не е подобрена во последните десет години и денес претставува голема закана за здравјето на луѓето и за зачувувањето на планетата на која живееме – додаде таа.
Според извештајот, луѓето не ги консумираат препорачаните количества храна што е добра за здравјето, како овошје и зеленчук. Не е изненадувачки што земјите со ниски приходи бележат најмала потрошувачка на оваа храна, а во исто време, жителите на земјите со повисоки приходи консумираат премногу храна што има штетно влијание врз здравјето, како црвено месо, млечни производи и засладени и газирани пијалоци.
ГНР, исто така, пресмета дека глобалната побарувачка за храна во 2018 година произведе околу 35 проценти од емисиите на стакленички гасови.
– Храната од животинско потекло генерално има поголем еколошки отпечаток по производ од храната од растително потекло – се вели во извештајот.
Се наведува дека пандемијата на ковид-19 не само што значително ги наруши системите за храна и здравје на глобално ниво туку турна дополнителни 155 милиони луѓе во екстремна сиромаштија.