Витлеемската ѕвезда блеснува на небото по цели 800 години
За време на одржувањето на Берлинскиот конгрес во март 1878 година, Јупитер се наоѓал на истата планетарна позиција како што е и денес. Тогаш е поништена одлуката од Санстефанскиот договор која наметнала територијата на Македонија целосно да ѝ припадне на Бугарија. Фасцинантно е што на 8.09.1991 година за време на одржувањето на референдумот за независност на Република Македонија, Сатурн бил на истиот планетарен степен на кој се наоѓа и денес, објаснува Зоран Крстевски
Денеска на зимската краткоденица, на небото ќе бидеме сведоци на вонсериски настан, на појавата наречена Витлеемска ѕвезда, што се случува по цели 800 години. За што точно станува збор објаснува Зоран Крстевски, познат македонски астролог, писател на десетина книги од областа на филозфијата, популарната психологија и астрологијата и универзитетски професор.
– Денес ќе бидеме сведоци на исклучително блиско (од само една десетина степени) планетарно порамнување (конјункција) помеѓу двете најголеми планети во нашиот Сончев Систем, Јупитер и Сатурн, во знакот на Водолија. Овој редок небесен феномен последен пат се случил на 5 март 1226 година. Конјункцијата на Јупитер и Сатурн во соѕвездието на Водолија е космичка појава која се случува исклучително ретко. Наредна голема конјункција помеѓу овие две планети во знакот на Водолија ќе се случи на 15 март 2080 година, а следната ќе биде дури во 2400 година. Денешната конјункција се поклопува со зимската краткоденица (солстициј) кога Сонцето е на најниската точка и кога денот е најкраток, а ноќта најдолга. Овој период за христијаните има големо значење бидејќи според грегоријанскиот календар го означува Божиќ, а за Римјаните бил мошне популарен празник наречен „Сатурналија“, во кој го славеле богот на Сонцето. Христовото рождество се случило кога на небото била присутна Витлеемската ѕвезда, која ги водела трите мудреци (астролози) до местото на раѓање на Исус Христос. Германскиот астроном и астролог Јохан Кеплер во почетокот на 17 век предочил теорија дека на денот на Христовото раѓање се случила конјункција помеѓу Јупитер и Сатурн, а некои современи астрономи сметаат дека е можно планетарниот настан, кој е малку пред Божиќ, да има врска со Витлеемската ѕвезда – објаснува Зоран Крстевски.
Астролошки гледано зимскиот солстициј претставува будење на Сонцето, завршување на еден космички циклус и почеток на друг и време кога надежта, волјата и виталноста почнуваат да се зголемуваат напоредно со зголемувањето на денот и со посилното зрачење на Сонцето. Дека од 21 декември 2020 година ќе треба да се подготвиме за нови предизвици и големи промени укажува и поставеноста на дури четири планети на нулта степенот (Сонце и Меркур во Јарец и Јупитер и Сатурн во Водолија). Во нумерологијата бројот нула го означува почетокот. Дали тоа е зародиш на новиот светски поредок, будење на позитивните сили или почеток на крајот на многу нешта, ќе покаже времето кое е пред нас.
– Позицијата на Сатурн во Јарец која беше актуелна во текот на 2020 година максимално го промени животот на луѓето, предизвикувајќи им стресни ситуации, внатрешни немири, страв од болести, сиромаштија, економска рецесија, изолација и општо чувство на несигурност. Добрата страна е што Сатурн конечно го напушти знакот со кој владее и сé до 23.10.2047 година нема да транзитира во соѕвездието на Јарец. Колку за илустрација ќе наведеме дека кога Сатурн претстојувал во знакот на Јарец се случила големата светска депресија (криза) во триесетите години од минатиот век; а во текот на 1989 и 1990 година почнал да се насетува крајот на социјалистичкото општествено уредување во Европа, се појавува огромна безработица, пропаѓање на фабриките и распад на системот во многу социјалистички земји. Мошне интересно е што градењето (1961) и рушењето (1989) на Берлинскиот ѕид се поклопува со транзитот на Сатурн во соѕвездието на знакот Јарец, кој всушност и владее со градби, камења, затвори, стеги и ограничувања. Како владател на времето, Сатурн одредува крај на сé и поставува разни ограничувања кои често можат да се сфатат како забрана, дисциплинирање или како некој вид на казна. Од тие причини, Сатурн во астрологијата е познат како противник на развојот, односно како планета која донесува награди по многу проживеани маки и страдања – објаснува Зоран Крстевски.
Според него, сето ова дава надеж дека можеби со влегувањето на Сатурн во Водолија нештата ќе бидат многу подобри, ќе се најде функционален лек за корона вирусот, луѓето ќе се ослободат од наталожените стравови, ќе можат послободно да функционираат и поопуштено да размислуваат за својата иднина.
– Впрочем, зодијачкиот знак Водолија е поврзан со сé што е напредно, иновативно и оригинално, тој владее со хуманоста, социјалната правда, новиот начин на размислување, дејствување и организирање. Сето ова зборува дека човештвото ќе се соочи со нови предизвици и специфични егзистенцијални околности. Сатурн во знакот на Водолија ќе се задржи до 7 март 2023 година, по што ќе го почне својот планетарен од во мистичните и креативни Риби – вели Крстевски.
Тој најави дека исклучително ретки планетарни феномени не очекуваат и во 2025 година кога Уран ќе навлезе во соѕвездието на Близнаци (првпат по 84 години), Нептун во Овен (по 165 години) и Плутон во Водолија (по 248 години). Тоа значи дека промените се пред нас и во наредните години, така што ќе треба максимално да се подготвиме за новите состојби на живеење. Дали тие промени ќе бидат добри или лоши ќе зависи и од колективната свест и од определбата да им слугуваме на нечестивите или ќе го разбудиме човечкото во себеси и ќе тргнеме кон патот на светлината.
Како и да е, конјукцијата на Јупитер (владее со просторот) и Сатурн (владее со времето) во Водолија укажува дека сме пред прагот на коренити промени кои најмногу ќе се одразат на економски, семеен и општествен план, а ќе се иницира и поразлично цивилизациско ниво на размислување и дејствување. Сепак, секој треба да биде свесен дека промените се процес кој не може да се почувствува преку ноќ, затоа треба да бидеме трпеливи, одговорни и самосвесни и да почнеме поинтензивно да вложуваме во личниот развој.
Присуството на Јупитер и Сатурн во Водолија во игра ќе стави две можни сценарија.
– Првата опција е човештвото да тргне кон правецот на позитивноста, солидарноста, помагањето и будењето на свеста за повисоките основи на постоењето. Осознавањето на стегите, ограничувањата и манипулациите наметнати од „елитите“ ќе создаде нова основа на дејствување насочена кон визијата за креирање похумано живеење. Втората опција е луѓето целосно да се подредат на технологизацијата и да станат робови на новите научни пронајдоци, посебно на иновациите кои се создадени со цел да контролираат, набљудуваат и подјармуваат. Опасноста е човекот целосно да ја загуби врската со природата на сопствената личност, како и со еко-средината. Технократското општество оди кон тоа да ги роботизира луѓето и да ги направи зависни од надворешните влијанија. Можеби токму ова планетарно порамнување на површина ќе ги изнесе размислите на Никола Тесла дека „време е фантазијата, духовноста и науката да се спојат во едно“. Сé поинаку ќе создаде хаос, несигурност, апатија, отуѓување и победа на темнината. Негативната страна на конјункцијата на Јупитер и Сатурн е што може да предизвика немири на улиците, револуции поради одземени права и слободи, да создаде економско ропство, разни борби и анархични ситуации. Позитивната страна на овој аспект е во можноста со подигнување на колективната свест да дојдеме до нови подобрени општествени состојби на живеење и до будење на личните потенцијали со цел нам и на другите да ни биде добро. Како и да е, промените ќе се случуваат бавно и ќе се спроведуваат со голем напор и откажувања – ги толкува Крстевски рпомените што следат.
Во годините кога Јупитер и Сатурн транзитирале во знакот на Водолија се случувале мошне специфични настани за македонскиот народ, но и за светот воопшто.
Кога Сатурн се наоѓал во знакот на Водолија, Адолф Хитлер дошол на власт во Германија, а во октомври 1962 кога светот се наоѓал пред можно нуклеарно уништување поради ракетната криза во Куба, Сатурн исто така се наоѓал во Водолија. Источниот блок целосно се распаднал кога Сатурн транзитирал во знакот на Водолија (зодијачки знак кој во мунданата астрологија ја претставува Русија) – објаснива тој.
Според Крстевски овие историски и планетарни коинциденции, имаат големо влијание и врз Македонија.
– За време на одржувањето на Берлинскиот конгрес во март 1878 година, Јупитер се наоѓал на истата планетарна позиција како што е и денес. Тогаш е поништена одлуката од Санстефанскиот договор која наметнала територијата на Македонија целосно да ѝ припадне на Бугарија. Фасцинантно е што на 8.9.1991 година за време на одржувањето на референдумот за независност на Република Македонија, Сатурн бил на истиот планетарен степен на кој се наоѓа и денес. Илинденското востание 1903 година е подигнато кога Сатурн транзитирал во знакот на Водолија, а во 1874 година е роден Крсте Петков Мисирков еден од најголемите македонски просветители и национални дејци, токму кога Сатурн престојувал во Водолија. Дали сите овие историски и планетарни коинциденции ѝ понатаму ќе имаат големо значење за опстанокот и развојот на македонската нација, ќе покаже периодот кој е пред нас – посочува Зоран Крстевски.