Славниот режисер Мартин Скорсезе вели дека „Граѓанинот Кејн“ ја одредил неговата поетика. Култниот филм влијаел и на творештвото на Копола, Вуди Ален, Стенли Кјубрик, Ридли Скот, Стивен Спилберг…
„Граѓанинот Кејн“ осум децении подоцна
Култниот филм на Орсон Велс, „Граѓанинот Кејн“, годинава одбележува осум децении од создавањето. Ремек-делото на седмата уметност, кое својата премиера ја имаше во 1941 г., денес многумина го сметаат за најдобриот и највлијателен филм што е снимен досега.
„Граѓанинот Кејн“ се најде на првото место на листата на најдобрите филмови на Американскиот филмски институт, објавена во 1998 година. Институтот му додели на Орсон Велс награда за животно дело во 1975 г., а славниот режисер почина по една деценија, во 1985 година.
Пред доаѓањето во Холивуд, Орсон Велс бил убеден дека е роден за радио и за театар. Поставувал радио и сценски драми во театарот „Меркур“, имал своја екипа и визија. Кога во 1938 година го адаптирал романот на Херберт Џорџ Велс – „Војна на световите“ и ја режирал оваа радиодрама, во која бил и главен наратор, голем број слушатели поверувале дека инвазијата на вонземјани навистина се случува. Така, Орсон Велс останал запаметен како автор што умее да го привлече вниманието на публиката.
Како е родена приказната за Кејн
Следувале примамливи понуди од Холивуд и Велс кон крајот на 1930-тите години, потпишал договор за снимање два филма, при што добил целосна уметничка слобода. Се поврзал со сценаристот Херман Манкиевич и заедно ја осмислиле и ја напишале приказната за Чарлс Фостер Кејн, медиумски магнат, инспирирана од животот на автентичниот американски моќник Вилијам Рендолф Харст.
Сценариото го слика животот на Кејн, од скромните почетоци, подемот на хиерархиската скала, достигнувањето огромна корпоративна и политичка моќ, емотивните крахови, конфликтите, падовите, стареењето, отуѓеноста, приватните проблеми… Филмот го отвора сцената во која Кејн умирајќи го изговара зборот „роузбуд“ (rosebud), што значи пупка на роза.
По смртта на главниот јунак, на самиот почеток на филмот, приказната се отвора така што репортерот ги интервјуира оние што го познавале Кејн, обидувајќи се подобро да ги разбере неговиот живот и значењето на последниот збор што го изустил.
Чарлс Фостер Кејн бил бескрупулозен медиумски магнат и издавач, кој во еден момент имал благородна идеја да се бори против корупцијата, но животниот подем го однел во друга насока, кон освојувањето на медиумската контрола. А неговата борба за освојување на моќта се рефлектира на неговата околина.
Славниот режисер Мартин Скорсезе наведува дека едни од работите што го фасцинираат во овој филм, всушност, се градењето на ликот и сликањето на човекот кого никој не го познава, кој е контроверзен, несреќен и за кого гледачот нема многу симпатии.
Филмската приказна, која недвосмислено алудира на неговиот живот, не му се допаднала на медиумскиот магнат Вилијам Рендолф Хартс. Тој бил бизнисмен, издавач на весници и политичар, познат по развојот на најголемиот синџир на весници и медиумски компании „Хартс“, па се потрудил да го спречи комерцијалниот успех на филмот.
По премиерата, филмот немал гледаност и финансиски успех. За тоа придонеле и отежнувачките околности, отсуството на реклама и ограниченото прикажување, а продуцентската куќа навела дека сложената структура и непостоењето на привлечен протагонист го прават филмот тежок за гледање.
Револуционерни новитети
Критичарите веднаш ги препознале вредноста и силата на филмот. Американското здружение на критичари го прогласило за најдобар филм, а „Граѓанинот Кејн“ потоа добил дури девет номинации за „оскар“, иако на крајот добил само еден, за оригинално сценарио.
Орсон Велс имал 25 години кога го снимил филмот, но сепак брилјирал во улогата на Чарлс Кејн, иако никогаш претходно не се појавил на филмското платно, како и повеќето други глумци, главно театарски актери со кои Велс соработувал во „Меркур“.
Филмот е негово режисерско деби. Храбро и инвентивно употребил нови револуционерни техники – на посебен начин ја користел светлината, експериментирал со сенките. Снимал од различни агли и на единствен начин си поиграл со флешбековите во наративната структура.
Со помош на снимателот Грег Толанд, дошол до целосно ново решение – необични агли на камерата. За првпат на филмското платно е користен длабок фокус, односно – длабински кадар. И другите начини на снимање што Велс ги осмислил биле целосна иновација, исто како и многу визуелни и звучни ефекти. Тој ги користел искуствата од радиото, експериментирал со шминката за да ги направи глумците постари, користел иста поставка за сцени во различни временски интервали…
Музичката партитура на Бернард Херман исто така била револуционерна во својата длабочина и оркестрација. Велс сакал музиката да биде дел до филмот, а Херман добил слобода и време да креира одделни музички парчиња за одредени сцени.
Сите овие новитети пред осум децении претставувале револуционерен исчекор. Резултатот бил свеж филм, поинаков од што било дотогаш.
Влијание и инспирација
Во почетокот на 1950-тите години, „Граѓанинот Кејн“ повторно почнал да се прикажува во кината, по позитивните рецензии на француските филмски критичари, и набрзо стекнал култен статус, а потоа влијаел и на голем број филмски автори.
Американскиот режисер Мартин Скорсезе често наведува дека „Граѓанинот Кејн“ ја одредил неговата поетика. Во една пригода изјавил дека кога го гледал филмот на телевизија, првпат станал свесен за монтажата и за положбата на камерата.
Филм без римејк
Храброто уметничко остварување на Орсон Велс ѝ донесе посебна магија на светската кинематографија. Филмот е оценет и како најуспешно дебитантско остварување во историјата на светската кинематографија и окарактеризиран како исклучителен филм, чиј римејк е невозможно да се сними.
Сепак, токму оваа јубилејна година гледачите на филмот „Манк“ ќе можат да видат како косценаристот Херман Манкиевич, кого го игра Гери Олдман, ја пишувал приказната за филмот. Режисер е Дејвид Финчер, а филмот доби дури десет номинации за „оскар“.