Кородираниот револвер „Лефоше“, откопан децении подоцна откако го усмрти познатиот холандски сликар Винсент ван Гог, се очекува да достигне цена од 45 до 56 илјади долари на аукцијата на која ќе биде изложен, на 19 јуни, пренесува „Форбс“.
Познат како „најславното оружје во светот на уметноста“, легендарниот револвер беше откриен од фармер во 1965 година, во полето каде што Ван Гог бил застрелан. Револверот, наводно, бил зачуван од семејството на сопственикот на крчмата во која Ван Гог ги поминал последните мигови од животот, во селото Уверс-шу-Оарс.
Оружјето за првпат било јавно изложено во 2016 година на изложбата насловена „На работ на лудилото“, во музејот посветен на уметникот во Амстердам.
Фармерот што го пронашол револверот, наводно, го предал на семејството што ја поседувало крчмата „Уберж Раву“, чии потомци го дале на аукција.
До денес, смртта на Ван Гог претставува мистерија, со што е предмет на шпекулации. Некои извори тврдат дека тој си го одзел сопствениот живот, додека други тврдат дека тој бил застрелан од насилници кои го малтретирале. Во филмот „На портата на вечноста“, претставено е како револверот го испукува фаталниот истрел по недоразбирање кое се случило меѓу двајца браќа и Ван Гог.
Според аукциската куќа, постојат докази според кои станува збор за пиштолот со кој познатиот уметник си го одзел животот. Револверот бил откриен на местото на кое Ван Гог пукал со него, а калибарот е ист со куршумот кој бил изваден од телото на уметникот. Вештачењето утврдило дека револверот се наоѓал во полето од деведесетите години на деветнаесетиот век.