Празниците се пред нас, а веруваме дека наредниов период ќе ја искористите можноста да зготвите нешто со членовите на семејството и можеби ќе совладате нови техники за приготвување храна. Покрај изборот на квалитетна храна, голема улога играат и зачините. Се обидовме да издвоиме сѐ што е добро да се знае за најчесто користените егзотични, домашни, слатки, кисели и лути додатоци во свежа форма или во прав. Се надеваме дека следните редови ќе ви бидат интересни и корисни…

Ловоров лист
Овој многу вообичаен зачин се одгледува во текот на целата година, а одлично оди со зеленчук, месо и риба. Ако го додадете во ганашот од чоколадо, ќе добие необичен ароматичен вкус.

Ѕвезден анасон
Неговото латинско име илициум значи маѓепсување, а нотата е слатка, како сладунец. Поради карактеристичниот облик, особено е интересен за време на празниците. Важно е да се напомене дека се користи цел, мелен, но не и на парчиња.

Морско оревче
Бидејќи е интензивен зачин, треба да се користи умерено. Може да стои долго, но во случај да забележите црни точки на него, најдобро би било веднаш да го фрлите. Незаменлив е во подготовката на бешамел сос, равиоли и тортелини, а може да се додаде и во филовите за колачи.

Цимет
Топол и ароматичен, циметот ја дава саканата сладост на јадењето. Познато е дека се додава во слатките, но не заборавајте и на солените. Имено, тој може да биде одличен додаток на црвеното месо и сосот од домати, кој се служи со тиквички.

Ѓумбир
Станува збор за зачин што се смета за суперхрана, а иако има мошне силен и пикантен вкус, го губи интензитетот при готвењето. Доколку се храните здраво, пробајте го во салата од тиква и зелка, а на гурманите им предлагаме да ги намалат мастите од свинското месо со додавање мало количество ѓумбир.

Шафран
Иако е еден од најскапите зачини, мало количество шафран му дава боја и арома на јадењето. Добро оди со зеленчук, особено со моркови, праз, печурки, тиква и спанаќ.

Каранфилче
Овој зачин не само што е пријатен за непцето туку има и антисептично дејство. Најдобро е кога се користи цело, не здробено, бидејќи тогаш не ја губи аромата. Исто така, добро е да се додаде на почетокот на готвењето, за постепено да се збогатува вкусот на јадењето.

Чили
Неговата употреба варира во зависност од земјата каде што се користи, а за неговата лутина е одговорен капсаицинот. Појак е мелен отколку во свежа форма, но за секој случај извадете ги семките и дршката. Необична комбинација настанува кога малку чили ќе посипете на тропско овошје.