Со својата мудрост, несебичност и подготвеност да им помогне на сите, професорот Балтазар освои многу срца
Професорот Балтазар, омилениот лик од истоимениот хрватски цртан филм, со кој растеа децата во 1980-тите и 1990-тите години, наполни 50 години. Овој јубилеј е одбележан со низа настани.
За оние што немале можност да пораснат во оваа позната серија, Балтазар е необичен научник, кој со своите изуми им го олеснува животот на другите луѓе од Балтазар Град.
Златко Гргиќ е одговорен за развојот на овој уникатен лик, кој беше создаден во Загрепската школа за цртани филмови во 1968 година. А подоцна му се приклучија Борис Колар и Анте Заниновиќ како сценаристи, режисери, цртачи и аниматори. Златко Боурек бил задолжен за сценографијата, додека Томица Симовиќ за музиката.
Професорот Балтазар е наменет за деца на возраст од четири до девет години,
но кој и да го загледа не останува рамнодушен, па, така, неговата публика се прошири меѓу сите возрасни групи.
Од секоја епизода гледачите можеа да научат нешто ново и уште повеќе да го засакаат главниот лик. Серијата беше снимена до 1977 година,а со вкупно 38 епизоди, во траење од десет минути. Серијата е продадена и прикажана во повеќе од 30 земји.
– Со својата мудрост, несебичност и подготвеност да им помогне на сите, професорот Балтазар, освои многу срца. Професорот Балтазар нè научи како да бидеме пријатели. Со него откривме што стои зад зборот солидарност и покажа зошто е важно да им помогнеме на другите кога се во неволја, но исто така и дека искреноста и добрината секогаш победуваат – велат авторите.
Главната тема на цртаниот филм се базира на пријателство и искреност. Кај Балтазар нема зајадлив или лицемерен тон или каква било форма на насилство, сè е во атмосфера на игра, имагинација, радост и забава.
На многумина омилена им е првата епизода во која професорот Балтазар им помага на граѓаните на градот Балтазар да го решат проблемот на несмасност со изумот вешт чевел. Во деветтата епизода, тој нуди подарок да се отпатува во светот на ирационалноста и сè што треба да направат луѓето за да стигнат таму е да плеснат со рацете. Ова се само некои од епизодите што го опишуваат веселиот и добронамерен карактер на нашиот омилен професор.
За добриот спомен на симпатичниот научник се грижат и голем број компании. За неговиот 50-ти роденден се дизајнирани поштенски марки со неговиот лик, а во кината ќе бидат прикажани кратки анимирани филмови.