Книгата „Јас и аутизмот“ на м-р Аниса Ејуп Беќировиќ-Трпчевска, чиј поднаслов е „Водич за преживување за родители на деца со аутизам и посебни потреби“, ќе биде промовирана денеска, во 14 часот, во Даутпашиниот амам во Скопје. Авторката, како мајка на син со аутизам, ги споделува своите искуства и ги посочува начините за среќно и успешно воспитување, чија основна цел е безграничната поддршка низ целокупниот живот на детето.
– Многу од родителите на децата со аутизам, особено во овој тежок период што го живееме, имаат потреба од некаков показател за да го најдат сите своето место под сонцето. Аутизмот, како релативно нов термин во медицинската дијагностика, терминологија и во сите други сфери, раѓа и страв од непознато. Крајниот резултат кај овие семејства е да не живеат на маргините на општеството – вели Беќировиќ-Трпчевска.
Модератор на настанот ќе биде м-р Маја Димитрова, едукаторка во Националната галерија, која континуирано со години реализира проекти во насока за будење на свеста за аутизмот. Додека другите учесници се: авторката Аниса Ејуп Беќировиќ-Трпчевска, д-р спец. Мервиса Беќировиќ-Драголовчанин; Земријет Весели, претседателка на здружението „Имаго плус“, кое нуди третмани на рана интервенција кај децата со посебни потреби; Алмира Папиќ, претседателка на здружението „Шадрван“ и преведувачка на босанската верзија, Белма Хасиќ, студентка на Медицинскиот факултет, која е спомената во книгата, и Афет Иљази, уредник во издавачката куќа „Арберија“ и издавач на албанската верзија, со свое кратко видување на значењето на книгата.
Книгата „Јас и аутизмот“ веќе е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“.