Откако на 23 овој месец најновата книга афоризми на Миле Ѓорѓијоски „Трагачи по парадокси“, беше промовирана на фестивалот за хумор и сатира „Ин веритас Виница“, утре овој труд ќе доживее и балканска промоција, истовремено во два града и во две земји, Белград-Србија и Темишвар-Романија.

-Утре книгата од група автори „Трагачи по парадокси“ чиј уредник и селектор на афоризмите сум јас, ќе ја има балканската промоција и ќе биде претставена на саемот на книгата во Белград, на штандот за дијаспора и во Темишвар-Романија. Промотор на книгата во Белград ќе биде најпознатиот српски афористичар Александар Чотриќ, автор на над 30 антологиски дела афоризми, преведуван на многу светски јазици. Промоцијата ќе се случи во 13 часот, додека доцна попладне поточно во 19 часот, во Центарот за култура во Темишвар оваа книга ќе ја има и промоцијата во Романија, а промотори ќе бидат покрај веќе познатиот Александар Чотриќ, уште еден познат афористичар од Србија, Горан Мракиќ -истакна Миле Ѓорѓијоски, уредник на оваа книга со 2 000 афоризми од 20 автори од повеќе земји од регионот.

По оваа промоција книгата ќе биде достапна за пазар поголем од 50 милиони луѓе, а се очекува наскоро да биде преведувана и на повеќе јазици пред се во земјите од Западна Европа.

З.А.