Во мултимедијалниот простор „Кафе и филм Котур“, денеска, во 17 часот, ќе се одржи промоција на книгата „Деца во длабоко“ од Давид Ангелевски. Авторот е музичар, роден во Скопје. Со музика активно се занимава од 2003 година, кога го почнува музичкиот соло-проект „Пиколомини“, со кој до денес има издадено девет студиски остварувања. Во меѓувреме работи и издава музика уште под неколку псевдоними. Во оваа збирка има 35 песни или текстови за музички композиции од овие три соло-проекти.
– Можеби сензибилитетот на изразот на Давид Ангелевски е строго умствен и ги користи сите проникливи алатки на интелектот во анализирањето и обидот да ги разбере „голите светови што чекаат за спас“.
Сепак иако рационализмот е „превозното средство“, кое Давид мајсторски го користи, се чини дека изворот има потопла „земја“ на раѓање и е многу поблизок до фреквенциите на градниот кош – пишува во предговорот, Кристина Горовска.
Книгата е независно издание на издавачката етикета АШ, печатено на рециклирана хартија во 123 примероци. Сликите на корицата се дело на Илија Маџаров.