Познатиот македонски астролог Зоран Крстевски предвидува (2)
Познатиот македонски астролог Зоран Крстевски по повод инаугурацијата на новоизбраниот претседател на САД, Џо Бајден, на 20 јануари, направи кратка астролошка анализа на наталната карта на САД, предочувајќи интересни историски совпаѓања поврзани со досегашните американски претседатели што победиле на изборите во години што завршуваат на нула.
Крстевски истражил дека „проклетството на нулата“ прв го почувствувал претседателот Вилијам Харисон. Довербата да ја води американската федерација на рамноправни држави тој ја добил во 1840 година. Но еден месец по инаугурацијата тој се разболува и умира од воспаление на белите дробови.
Во 1860 г. за претседател е избран Абрахам Линколн (роден во знакот Водолија). Неговата харизма, либералност, демократичност и визионерски дух му овозможиле да триумфира и во изборите во 1864 година. Но само неколку месеци по вториот избор е убиен во атентат, додека присуствувал на театарска претстава на 14 април 1865, од актерот Џон Бут. Во 1880 г. на чело на САД доаѓа Џејмс Гарфилд, професор по книжевност од Охајо и ветеран од граѓанската војна. Но и тој не поминува подобро од претходните претседатели на нултата година. На 2 јули 1881 на железничката станица во Вашингтон го застрелува еден незадоволен адвокат. Борбата за живот траела два и пол месеци. На 19 септември 1881 г. тој умира од инфекција, односно внатрешно крвавење.
– Проклетството на Индијанците не го одмина ни Вилијам Мекнили. Првиот претседателски мандат го доби во 1896 г., а повторно беше избран во 1900 година. За време на неговото владеење е промовиран добро познатиот американски „империјализам“, со анексиите на Филипини, Порторико, Хаваи и протекторатот врз Куба. Во септември 1901 година, за време на Панамериканската изложба во градот Бафало, еден параноичен анархист тешко го ранил, од што умрел осум дена подоцна. Во 1920 година за претседател е избран републиканецот Ворен Хардинг, кој бил познат како заговорник на изолационизмот и претставник на крупниот капитал. Умрел на 2 август 1923 година од „непозната болест“, нецела година до крајот на мандатот – ни рече Крстевски.
Френклин Рузвелт важи за еден од најзначајните претседатели во американската историја. Неговата аналитичност, стабилност и успешност во водењето на надворешната и внатрешната политика на САД придонесоа во 1940 година по третпат да биде избран за претседател. Бидејќи успешно ја предводеше својата земја во периодот на Втората светска војна, во 1944-та повторно ја доби довербата. Сепак и тој умрел за време на претседателскиот мандат, и тоа на 12 април 1945 година, од излив на крв во мозокот, околу еден месец пред капитулацијата на Германија.
– Лошата судбина сакала и еден од најпопуларните американски претседатели, Џон Кенеди да стане жртва на проклетството на нултата година. Тој на власт дојде во 1960 година. Но, за жал, неговиот мандат траеше кратко, односно до 22 ноември 1963, кога, како што е познато, на улиците на Далас е застрелан од заседа за која е обвинет, а подоцна и убиен Ли Освалд. Впечаток е дека зад тоа убиство се кријат многу контроверзии и нелогичности, кои сѐ уште ја разбрануваат јавноста во САД – вели тој.
Роналд Реган станал претседател на САД во 1980 година. Тој, поучен од трагичната судбина на своите колеги што го добиле претседателскиот мандат во годината на нулата, на сакал ништо да остави на случајот. Затоа и ја ангажирал астрологот Џоана Квигли, која имала цел да го советува кои денови му се критични, односно кога да ги избегнува патувањата и контактите со јавноста. Таквиот негов потег се покажал како корисен, бидејќи успеал да го заврши претседателствувањето и притоа го избегнал проклетството на Индијанците и со самото тоа ја оневозможил насилната смрт. Но, сепак, и среќата била на негова страна, зашто во март 1981 година, само 69 дена откако ја презеде функцијата, со помош на телохранителите го преживеа атентатот што врз него го изврши младиот фанатик Џон Хинкли.
– Роналд Реган и Џорџ Буш Јуниор успеаја да се спасат од „клетвата“, така што се надеваме дека истото тоа ќе му појде од рака и на новоизбраниот американски претседател Џо Бајден – посакува Зоран Крстевски.