Проектот „Ново име“, своевидна шанса за сите млади од цела Македонија на јавноста да ѝ го претстават својот талент и да се изборат за поддршка за негово унапредување, по паузата предизвикана од пандемијата на коронавирусот, од вчера повторно започна. Сите активности во рамките на овој проект, кои се одвиваа во текот на март, беа стопирани во средина на месецот. Тогаш беше прекинато гласањето во рамките на третиот циклус, но сите пријави (кои се последни објавени на платформата) и понатаму се валидни, така што повторно ќе бидат активирани на 15 јуни, на полноќ.
Од тој момент почнува гласањето за третото „Ново име“, кое ќе трае до крајот на јуни.
По стариот, добар обичај, на полноќ од последниот ден на тој месец, гласањето завршува, така што веќе на 1 јули ќе го имаме победникот, односно ќе дознаеме кој со својот талент се изборил за титулата „ново име“ во Македонија. Тоа претходно им успеа на: Сандра Туфеска, ново име од областа на цртањето од Демир Хисар, а за талент за пеење беше прогласен Влатко Иљачев, кој живее во Богданци.
„Ново име“ е проект што во целост го реализираа компаниите „ХТЛ Македонија“ и брендовите-членки на групацијата „Новоматик“, со желба да ги поддржат и да ги охрабрат младите од нашата земја да го претстават својот талент и да добијат поддршка за негово унапредување во вредност до 2.500 евра.
– Се радуваме што можеме да продолжиме со иницијативата да ги поддржиме талентираните млади луѓе од Македонија и да им овозможиме да ги унапредат своите вештини и знаења. Со оглед на тоа што сега околностите се доволно безбедни за повторно оживување на проектот „Ново име“, ги повикуваме на светот да му ги претстават своите таленти и да добијат поддршка од јавноста и на тој начин да обезбедат можност да го усовршат својот дар од областа на науката, уметноста или спортот – порачаа организаторите на проектот.