Британската монархиња, наводно, добила ново домашно милениче од својот син, принцот Ендру, и неговите ќерки, принцезите Беатрис и Евгенија.
Шестнеделното куче од расата велшки корги – нејзина омилена раса на кучиња – сè уште нема име, но извор открива дека кралицата е воодушевена од доаѓањето на „совршениот придружник“ на нејзиното постоечко кутре Муик.
Весникот „Сан он сандеј“ цитира извор кој вели „Кралицата поминува многу време со новото куче и таа е апсолутно воодушевена што има ново корги. Таа беше вознемирена кога едно од нејзините миленици ненадејно умре (Фергус), но ова ново куче ќе биде совршено друштво за Муик“.
Во меѓувреме, Дарен Мекгрејди, кој 15 години работеше како готвач во Бакингемската палата, претходно откри дека коргите на кралицата имаат свое специјално мени за храна.
– Не очекував да готвам за кучиња на кралицата кога почнав да работам во Бакингемската палата. Мислев дека ќе готвам за кралеви, кралици и претседатели. На крајот така и беше, но една од првите работни задачи ми беше готвење за корги, кралските корги. Им подготвував свежа храна секој ден. Коргите имаа свое мени – рече тој.