Авторка: Сесилија Родригез
Форбс
Поминаа 25 години од неславното интервју на „Би-би-си“, кое го разоткри пропаднатиот брак на принцезата Дијана и принцот Чарлс и го разбесни британското кралско семејство. А сега, повторното појавување на нови тврдења носи нов пресврт во аферата преку експлозивниот документарен филм, познатиот новинар заболен од ковид-19, обвиненијата за новинарска злоупотреба и тврдењата дека „Би-би-си“ ја прикрил својата улога во лажираните банкарски извештаи за да го добие фамозното интервју во „Панорама“, во кое принцезата Дијана зборуваше за „повеќето луѓе“ во нејзиниот брак со принцот Чарлс и воедно призна дека извршила неверство.
Нечесни тактики и светско внимание
Ова прашање повторно се најде во центарот на вниманието преку признанието на „Би-би-си“ дека покрај тужбите на грофот Спенсер, братот на принцезата Дијана, за „нечесна тактика“ што ја употребил новинарот Мартин Башир за да го добие интервјуто во 1995 година, корпорацијата засега не може дополнително да истражува затоа што новинарот е сериозно болен од компликации предизвикани од ковид-19 и притоа страда од срцеви болести. „Би-би-си“ соопшти дека ќе започне независна истрага за обвиненијата. Башир, кој сè уште работи во „Би-би-си“ како уредник, веќе еднаш ја сочува репутацијата по внатрешна истрага на „Би-би-си“ за слични обвиненија. Повторното актуализирање се спомена во емитувањето на документарниот филм, неделава, на британската телевизија „Ај-ти-ви“, со наслов „Интервјуто на Дијана: одмаздата на принцезата“. Програмата посочи дека новинарот се однесувал „крајно нечесно“, според зборовите на нејзиниот брат, за да ја стекне довербата на принцезата и да ја убеди да му даде интервју.
Навраќање на шокантното интервју
„Гардијан“ оцени дека „интервјуто не личело на интервју, туку на претстојна уставна криза и многу лесно се заборавило колку шокантно било соочувањето во четири очи на Мартин Башир со принцезата Дијана во програмата „Панорама“ во 1995 година. Тогаш членовите на кралското семејство многу тешко зборувале за својот вистински приватен живот на водечките телевизии или за кој било друг медиум. Британскиот медиум исто така пренесе дека „грофот Спенсер го обвинил Башир за претворање на интервјуто во ’жолт печат’ и изјавил дека новинарот употребил фалсификувани банкарски извештаи, кои ги изработил графички дизајнер, за да ја натера принцезата да зборува во програмата. Исказите, кои биле целосно неточни, послужиле да покажат дека двајца високи членови на дворот биле платени од страна на безбедносните служби да предаваат информации за Дијана“.
Фалсификуваните банкарски извештаи, како што покажува документарниот филм, покрај писмото кое го открил братот на Дијана, наводно напишано од страна на Башир во 1995 година, за лажните гласини дека Чарлс имал афера со дадилката на двојката, наводно му помогнале да го добие историското интервју за „Панорама“.
Ексклузивната вест на векот
Во сега веќе неславното интервју со „ексклузивна вест на векот“ од 1995 година, кое го потресе светот и се проценува дека го гледале 23 милиони луѓе, принцезата, која тогаш беше разделена, но не и разведена од принцот Чарлс, искрено говореше за бракот „во кој се мешале премногу луѓе“, недостигот на поддршка од кралското семејство, нарушувањата во исхраната и воедно го призна своето неверство. Две години подоцна на 36-годишна возраст, „принцезата на срцата“ загина во сообраќајна несреќа во Париз.
„Њујорк тајмс“ напиша дека корпорацијата „Би-би-си“, која го емитуваше интервјуто во емисијата „Панорама“, ги продала меѓународните права за 1,6 милиони долари. Портпаролот за „Би-би-си“, кого „Гардијан“ го цитираше, изјави дека корпорацијата сакала повторно да се извини (за секаков вид на нанесена штета) и предложила повторно да отвори истрага за какви било „суштински нови информации“. Тој понатаму додаде дека „побарале од грофот Спенсер да сподели дополнителни информации со ’Би-би-си’, но за жал во моментот не се во можност да разговараат со Мартин Башир затоа што е сериозно болен“. Беше пренесено дека новинарот заздравува од четирикратен бајпас и други компликации од ковид-19.
Превод: Билјана Здравковска