Кон средината на минатата година целиот свет стравуваше дали младите фудбалери од Тајланд и нивниот тренер ќе успеат да се извлечат од делумно поплавената пештера Там Луанг во која беа заробени подолго од една недела.
Ниту едно дете не знаело да плива, почетокот на сезоната на монсуни наближувал, а тунелите на пештерата се мрачни, кривулести и калливи, до толку што и за најискусните нуркачи биле предизвик. Операцијата беше успешно завршена, но акцијата не се одвивала онака како што пренесоа медиумите.
Британскиот истражувачки новинар Лијам Кокрејн открива непознати детали од драмата, но и за лагата што спасувачите му ја кажале на целиот свет, па и на родителите на децата.
Колку акцијата била сложена откриваат и зборовите на еден од нуркачите во време на подготовката на операцијата за спасување.
– Ако нуркаме сега, некои ќе умрат. Ако нуркаме подоцна, сите ќе умрат. Само ќе собереме 13 тела – рече нуркачот.
Тој додава дека за да ги смират родителите, им рекле дека децата ќе ги обучуваат да пливаат, што го пренесоа сите медиуми. Оние што беа во пештерата, знаеја дека децата кои никогаш не нуркале и пливале претходно не можат толку неискусни да се провлечат низ калливите и матни тунели. Единствен начин беше да им дадат седативи што ќе ги успијат, да им стават маски со кислород за да можат нуркачите да ги извлечат надвор.
Клучно беше маските да бидат добро прицврстени, за да не им испаднат, бидејќи постоеше проблем со големината на маските. Иако имаше десетици, повеќето беа правени за возрасни. Само четири беа за деца, но прашање беше и дали тие ќе одговараат на најмалите деца.
Проблем беа и седативите. За да ги успијат децата мораа да повикаат специјалисти. Изборот падна на двајца искусни нуркачи од Австралија – анестезиологот доктор Ричард Харис(познат како доктор Хари) и неговиот пријател доктор Крег Чален, пензиониран ветеринар.
Пред доктор Хари, кој инаку држи нуркачка обука за спасувачки тимови, беше деликатна задача, да ја одреди количината на лекови што децата треба да ја примат за да можат да останат три часа успиени додека не ги извлечат на површината. Знаејќи во каков ризик се впуштаат, обајцата од тајландската влада барале дипломатски имунитет. Постоеше реална опасност некое од децата да умре, за што тие не сакале да понесат одговорност.
За докторот Хари, клучно прашање било кој коктел на лекови е вистинскиот. Со оглед на фактот дека ваква операција никогаш не била спроведена, ниту докторот не можел да се потпре врз веќе постоечките препораки. Решил на децата прво да им даде таблета Ксанакс, да ги ослободи од стравот, потоа инјекција кетамин во ногата(пет милиграма по килограм) за да ги успие. Кетаминот делува брзо, но трае само еден час, заради што во текот на акцијата нуркачите морале повторно да им инјектираат веќе подготвени инјекции.
Третиот лек што децата го добиле исто им бил инјектиран во ногата и станува збор за атропин, чија функција е да го намали лачењето на плунка од која би можеле да се удават. Доктор Хари не бил сигурен дали коктелот на лекови што го подготвил ќе биде делотворен. Подоцна признал дека во еден момент помислил дека шансите за успех се еднакви на нула. Дури и оние поомптимисти очекувале дека нема да ги извлечат сите деца, проценките биле дека пет деца би можеле да умрат.
Кога им бил соопштен планот, децата не се исплашиле, ниту, пак, почнале да плачат. Сакаа да излезат надвор. Нуркачите побарале од нив да напишат пораки до своите семејства, кои ќе тргнат на површината пред нив, во случај да не успеат да излезат надвор, нивните родители ги добијат последните зборови на своите деца. Писмата биле пишувани на посебен вид водоотпорна хартија.
Прв кон површината тргна 14 годишниот Ноте. Доктор Парк кој беше со децата во пештерата му дал таблета, а доктор Хари инјекција, на детето му било облечено заштитно одело и ставена маска. Спасувачите му ги врзале рацете и потоа му врзале јаже зад грбот, за да се обезбедат во случај детето да се разбуди и да се обиде да се ослободи.
Британскиот нуркач Џејсон Малисон доброволно се пријавил да го изнесе првото дете. По минувањето низ матните канали, повремено наидувале на комори во пештерата(бази на спасувачите) каде што ги чекала екипа за да ја провери состојбата на детето и да му ја дадат потребната доза на лекови. Сѐ се одвиваше според планот.
Околу 100 луѓе учествувале во акцијата. Кога првото дете стигна до површината, уследи воодушевување и аплаузи.
Сѐ се одвиваше како што треба да четвртото дете, кое лошо реагираше на лековите, поради што акцијата за кратко беше стопирана. По половина час и нова доза лекови и тоа беше подготвено да тргне кон површината.
Вториот ден од акцијата, на ист начин беа спасени уште четири деца, но не беше толку едноставно. Едно од нив почна да се буди додека нуркачот го носел кон површината. Успеал да му даде инјекција кетамин, а детето по излегувањето на површината ништо не се сеќавало.
Последниот ден од акцијата, додека спасувачите брзаа заради доаѓањето на монсунските дождови, проблем претставуваше извлекувањето на најмалото дете, бидејќи не постоела маска со негова големина. Била пронајдена една за која никој не бил сигурен дали ќе одговара, но спасувачите морале да ризикуваат и да пробаат. За среќа и ова дете излезе на површината живо, па лагата раскажана на родителите и на целиот свет, сега повеќе не е важна.