Цели 42 години се верувало дека вариолата е искоренета. Последниот случај на големи сипаници во нашиот регион бил регистриран во 1930 година. Во март 1972 година, сепак, болеста се вратила. Одзела 40 животи.
На почетокот на 1972 година, 35-годишен Албанец од Косово сакал да отпатува на аџилак во Мека. Тој не ни претпоставувал дека неговото патување ќе ги чини живот 40 луѓе. Идниот аџија со месеци се подготвувал за патувањето. Покрај добрата волја и пари за патување, на Ибрахим Хоти му биле потребни два документи – пасош и потврда за вакцинација против сипаници. Имено, федералните здравствени власти на поранешната СФРЈ ја усвоиле препораката на Светската здравствена организација дека сите лица што патуваат во земји каде што се пријавени случаи на сипаници мора да бидат вакцинирани против оваа заразна болест. За Ибрахим тоа значело патување во Скопје, каде што требало да ја прими вакцината, иако бил вакциниран во младоста.
Средбата со 60-годишен маж во толпата во чекалницата на скопската инфективна клиника во раните утрински часови на 20 декември 1971 година, ќе се покаже како судбоносна, не само за Хоти. Странецот почнал разговор, советувајќи го да не се грижи ако по вакцината добие исип на лицето или на телото.
Она што се случувало понатаму, авторот Никола Бура детално го опишува во својата книга „Без обдукција“. Тоа што овој човек му го рекол на Хоти, практично, предизвикало да се отвори вратата на епидемијата што ќе земе 40 животи, пренесува весникот „Време“.
– Слушај, пушти ги овие лекари и нивните вакцини. На вака силен човек каков што си ти, сипаниците не му можат ништо. Тебе ти е важно само да добиеш потврда за вакцинација, па додека чекаш, оди во аптеката, која се наоѓа наспроти болницата, купи малку алкохол и памучна вата и штом ќе ти стават вакцина, оди до тоалетот, таму никој нема да те види, па избриши ја. Ќе останеш здрав, па заврши си ја работата – му рекол човекот на Хоти.
На Хоти, кој веќе планирал да остане во Скопје неколку дена за да заврши некоја работа и да се види со неколку луѓе со кои тргувал со жито и брашно, најмалку му било потребно некој досаден осип или треска. Затоа тој еден час подоцна го исчистил местото на вакцината во тоалетот со памук, натопен во алкохол. Два месеца подоцна, Ибрахим Хоти донел вариола во Југославија и се разболел од нејзината поблага форма. Сепак, тој го добил меѓународниот сертификат за вакцинација без контрола за нејзината успешност – надвор од прописите.
За да се минимизира ризикот од ширењето на сипаниците што се појавиле на Блискиот Исток во тоа време, СЗО препорачало на аџилакот во Саудиска Арабија да се патува исклучиво со авион, но Хоти тргнал со автобус со уште 24 аџии.
– Од сведоштвата на патниците, собрани во подоцнежната епидемиолошка анкета, било утврдено дека по Мека и Медина, аџиите престојувале пет дена во Ирак, каде што посетиле неколку свети места на дервишите (Карбала, Наџаф, Багдад). При нивното враќање во земјата, автобусот ја минал бугарско-југословенската граница во близината на Крива Паланка (Македонија) во 2 часот по полноќ на 15 февруари, па Ибрахим пристигнал во своето село во Метохија околу десет часот наутро, каде што го пречекале семејството, роднините, пријателите и соседите за да му честитаат за аџилакот – наведува авторот во книгата.
Остатокот од приказната е идиличен. Хоти со денови ги посетувал пријателите и роднините, делел подароци (патем, си купил и две флејти, кои им ги покажал на сите што го пречекале и великодушно им дозволил на неколкумина да засвират со нив), раскажувал за аџилакот, станал ѕвезда во својата околина. Неговата публика немала идеја дека новиот аџија, заедно со приказната и подароците, им донел и нешто друго.
Еден од „привилегираните“ да го слушне искуството на Хоти бил 29-годишен учител од селото Добри Дуб, близу Тутин – Латиф Мумџиќ. Блиската средба ќе го чини живот. Единаесет дена откако го видел Хоти, Латиф се разбудил со болки во стомакот и грбот.
– Пациентот починал од алергија на пеницилин следниот ден, како што беше официјално објавено. Телото било пренесено во капелата во текот на ноќта, на 11 март, роднините, одбивајќи ја бараната обдукција, го пренеле во Нови Пазар за погреб – наведува Бура во книгата „Без обдукција“.
Вариола не одзела 40 животи само поради лошата здравствена состојба на заразените. Излегува дека и државниот апарат имал голема улога во тоа.
Сите заразени лица изјавиле дека престојувале на клиниките во Чачак или во Белград по разни основи во критичниот период (од моментот кога Латиф Мумџиќ бил примен во тие институции сѐ додека не биле ставени во карантин). Епидемиолошкото истражување утврдило дека 278 граѓани имале првостепен контакт со пациентот, по што веднаш биле изолирани и испратени во карантин. Само на 26 март, весникот „Политика“ објавил заедничко соопштение на Епидемиолошката служба на Институтот за здравствена заштита на Србија и градот Белград. Во рок од десет дена во Белград, 1.849.341 лица ја примиле вакцината на 727 пункта. Околу 600.000 луѓе биле превакцинирани. Ревакцинацијата завршила на 15 април. На 21 април, Светската здравствена организација им оддала почит на југословенските лекари и објавила дека епидемијата е при крај.