Филмот на режисерот Куштрим Бектеши, „Незаборавна пролет во заборавено село“, ќе биде прикажан во киносалата на Центарот за култура во Кичево, вечерва, со почеток од 21 часот. Покрај премиерното прикажување, овој филм љубителите на седмата уметност од градот ќе можат да го проследат и наредните три вечери.
– Филмот е снимен во селото Ѓономаљ – Корча, а во него се обработуваат секојдневниот живот и спокојството на едно заборавено село. Мирот во селото го нарушува присуството на три проститутки, кои пристигнуваат во селската кафеана. Мажите од селото и покрај отпорот на жените, по цел ден се во кафеаната каде што го трошат и последниот лек за алкохол и секс. Во настанатата конфузија двајца млади извлекуваат корист, бидејќи ја реализираат љубовната врска забранета од нивните родители. На крајот, незадоволството на жените кулминира со опожарување на селската кафеана по што се чини дека животот во Ѓономаљ се враќа во нормала – накратко ни го презентира сценариото на филмот, директорот Мазлам Османи.
Тој е оптимист дека со прикажувањето на овој филм го погодиле вкусот на љубителите на овој вид уметност од градот.
– Се надеваме дека филмофилите од нашиот град ќе бидат презадоволни што по подолг период можат да проследат еден интересен и полн со динамика филм, кој беше доста гледан и во земјите од соседството – додава Османи.
Главните улоги во филмот ги толкуваат познати актери од четири земји, Македонија, Албанија, Косово и Бугарија: Шкумбин Истрефи, Осман Ахмети, Салаетин Билал, Вјолца Бектеши-Халити, Адријана Матоши, Дијана Спасова и други. Музиката е на Тимор Доми, а сценографијата на Дурим Незири.