Кога продуцентот Атанас Георгиев и режисерите на „Медена Земја“ Љубомир Стефанов и Тамара Котевска се вратија на местото каде што беше сниман нивниот документарен филм номиниран за два „оскара“, тие беа пречекани од ѕвездата на нивното остварување Атиџе Муратова. Но мрачната соба на Муратова во која се случија највпечатливите сцени на „Медена земја“ веќе не делуваше исто, пишува „Њујорк тајмс“.
– Ова место и овие луѓе сега се поинакви. И јас чувствувам како и таа чувствува оти ова повеќе не е нејзиниот дом – кажа Стефанов за американскиот весник.
Ваквата ситуација во голема мера се должи на Стефанов и на неговата филмска екипа. Користејќи ги парите од наградите што ги доби документарецот, тој и неговите колеги најдоа нова куќа за Муратова во Дорфулија, поголемото и побогато село до кое има половина час возење со автомобил од досегашното живеалиште на Атиџе, која сега го поминува времето во двете села.
А токму тоа отвори морална дилема со која Стефанов и неговите колеги се соочија откако заврши снимањето. Станува збор за прашање кое долго време ги измачува оние што снимаат документарци. Како набљудувачи, дали тие треба да им помогнат на нивните субјекти? И како луѓе, како да не го сторат тоа? Некои екипи задржуваат професионална дистанца дури и по завршување на снимањето.
– Но ние одлучивме да го прекршиме тоа правило – вели Георгиев.
Во „Медена земја“ е прикажано секојдневието на Муратова (56) и на нејзиниот сосед Хусеин Сам (70), кои се обидуваат да егзистираат во еден од најсиромашните делови на Македонија.
Георгиев, Стефанов и Котевска би можеле да уживаат во нивниот успех и да се фокусираат на нови проекти, но режисерите, заедно со двајца сниматели, поминаа три години заедно со јунаците на „Медена земја“, посетувајќи ги со одредени прекини. Комплексната транзиција е создадена од судирот помеѓу професионалните обврски на филмаџиите и очекувањата на субјектите од нив како луѓе и пријатели. Токму затоа филмаџиите сега не се во можност потполно да ги напуштат Муратова и Сам, заземајќи ја улогата на посредници, а понекогаш и протагонисти во локалните тензии помеѓу соседите.
– За филмската екипа беше потешко да се справи со нас по филмот, откако за време на снимањето – кажа Муратова.
Во „Медена земја“ односите помеѓу Муратова и Сам кој живее заедно со неговата сопруга и осум деца, беа лоши. Сам ги игнорираше советите на Муратова за пчеларството, што доведе до напади на неговите пчели врз нејзините, загрозувајќи ја егзистенцијата на Атиџе. А тие беа вклучени во уште еден спор поради бунарот во Бекирлија. Сам сакаше да ја користи водата за неговите крави, додека Муратова тврди дека таа е само за потребите на луѓето. Тоа доведе до правна битка поради инцидент кој се случи пред снимањето на „Медена земја“, кога Муратова била нападната од кучињата на Сам.
Вовлечена во спорот, филмската екипа се обиде да се држи настрана преку пружање на одредена правна помош на двете спротивставени страни, додека посредуваше при договор според кој Муратова ќе ја повлече тужбата доколку Сам вети дека ќе го смени однесувањето.
За да го олесни притисокот врз себе, Георгиев основа фондација која работи со семејствата. Волонтер социјален работник сега им помага на двете семејства со бројните егзистенцијални предизвици, вклучувајќи го отворањето на сметки во банка и обезбедувајќи им социјална стабилност.
Но, Георгиев и натаму е вклучен во нивните животи. Кога Муратова го загуби клучот од нејзината нова куќа, продуцентот мораше да најде бравар со резервниот клуч. Во куќата немаше вода, па Георгиев го повика локалниот градоначалник за да го реши тој проблем. Потоа Сам сакаше помош со барање за грант, а тука беше и проблемот со бунарот.
– Ова е невозможно. Ние сме филмаџии, а не социјални работници – порача Георгиев.
Згора, Сам го прашал Георгиев зошто не ги одржува честите контакти за време на карантинот поради пандемијата. Но продуцентот му купи на Сам нов камионет и го поправи оџакот на неговото живеалиште.
Ваквата вклученост претставува умирување на совеста на филмаџиите поради професионалната корист која ја стекнаа од докуметарецот што доби три награди на престижниот филмски фестивал „Санденс“ и заработи над еден милион долари. „Њујорк тајмс“ ја прогласи „Медена земја“ за најдобро филмско остварување за 2019 година.
– Вообичаено не се мешаме во животите на протагонистите, но штом сфативме дека „Медена земја“ ќе биде успешна, сметавме дека мора да сториме нешто – објаснува Георгиев.
Муратова пак останува доследна на нејзиниот начин на живот и на пчеларството.
– Животот е бесконечен процес со свои фази. А ова беше нејзината желба – заклучува Стефанов.