Уште како тинејџер Џони Штулиќ беше заинтересиран за политика, историја и за општествените движења. Но не помалку и за општествените скршнувања и деформации. Овој широк спектар на интересирање подоцна многу често ќе го изразува преку песните и рок-музиката во бендот „Азра“. Првите авторски песни на овој рок-поет, беа интересни балади, вдахновени со фолклорна традиција и топли искри на рок-духот. Самиот зборуваше дека тој и членовите на „Азра“ свират и пеат севдах затоа што тој е автентичен домашен звук. Балканот, како географска територија, историска содржина и социјален контекст, и севдахот многу рано станаа негови опсесии. Неговото сфаќање на севдахот беше музика на љубов, страст и копнеж.
Штулиќ се појави на музичката сцена кога младите од поранешните југословенски простори главно ги слушаа „Дорс“, „Пинк Флојд“, „Ролинг Стоунс“, Џими Хендрикс и Џенис Џоплин. Меѓу домашните музички бендови „Бјело дугме“ беше неприкосновен бенд, „Смак“ со Радомир Михаиловиќ-Точак беше број два, па следуваа сите други.
Никој не претчувствуваше дека револуцијата веќе е зад аголот. Новата генерација надоаѓаше и бараше свој нов звук. Младите сакаа да слушнат критика против зачмаеното бирократско општество и се подготвуваа за бунт против безидејноста и раширената хипокризија. Тоа беше период кога панкот веќе беше појавен на музичката сцена, на чии маргини веќе надоаѓаше и новиот бран како ангажирана музика.
Први песни со кои Штулиќ постигна голем успех се нумерите „А шта да радим“ и „Балкан“, издадени при крајот на 1979 г. на нивната прва сингл-плоча. Овие две песни беа негова необична музичка легитимација – музички севдах на новиот бран. И двете имаа вонсериска музичка моќ, а со текот на времето стекнаа и таква популарност.
Инаку, првиот албум на Штулиќ и „Азра“ ,наречен едноставно според името на бендот, беше и остана личен дневник на поет од животните маргини, кој преку своите музички хитови ќе израсне во херој, кој ќе ги открие фрустрациите на осамените личности. Така, Џони наместо за љубовни триумфи, во „Марина“, пее за одбивање. Тоа е лична животна приказна за девојка што целосно го негирала и не ја прифаќала неговата љубов. Во „Грација“, класик каков што се создава еднаш во животот, Штулиќ е посебно убедлив кога пее за девојка по име Грација, која била негова голема љубов. Голема топлина Штулиќ ни подарува во класикот „Топле усне жене“. Повикот на бунт, пак, е очигледен во вонвременската „Јаблан“. Оваа песна е портрет за неговиот пријател Гргец, паметен и непоткуплив ултралевичар и ултраалкохоличар.
Музички, деби-албумот на Штулиќ и „Азра“ беше микс од боемски и кафеански дух, придружен со музика на новиот бран. Сѐ на сѐ, јужна тажна топлина. Тоа е можеби разбирливо, ако се земе предвид дека тој е роден на југот од Балканот, во Скопје, Македонија.