Заеднички предок на денешните раси на кучиња што се користат за влечење, како што се хаската и маламутот, е стариот сибирски пес што живеел пред 9.500 години, заклучи меѓународен тим на научници, во кој беа вклучени и руски стручњаци, пренесе списанието „Сајанс“.
За да го утврдат потеклото на кучињата што се користат за влечење санки, истражувачите, на чело со авторот на трудот Микело Холдер Синдинг од Универзитетот во Копенхаген, ги секвенцирале геномите на десет кучиња што можат да се сретнат на Гренланд, кои и денес се користат за влечење, како и на стариот сибирски пес и на сибирскиот волк, кој живеел пред околу 33.000 години.
Добиените податоци ги споредиле со голем број други дешифрирани геноми на разни раси кучиња. На крајот се воспоставило дека заеднички предци на сегашните кучиња за влечење, како што се: гренландските кучиња, хаската и маламутот од Алјаска, живееле на Арктикот пред најмалку 9.500 години.
Научниците веруваат дека за нивното појавување придонело завршувањето на последната ледена доба пред околу 10.000 години.
Притоа, податоците покажуваат дека популацијата на гренландски кучиња е најизолирана група во споредба со другите арктички раси, поради што научниците брзо успеале да го утврдат заедничкиот предок на оваа и на другите раси што се користат за влечење санки.
Дошле до заклучок дека нивни заеднички предок е стариот сибирски пес.
Научниците истакнуваат дека кучињата за влечење дале огромен придонес за еволуцијата и преживувањето на целото човештво во праисторискиот период. Врз основа на археолошките наоѓалишта на Источен Сибир, научниците претпоставуваат дека кучињата, навикнати на сурови поларни услови, веројатно биле составен дел на човечкиот живот на Арктикот најмалку 15.000 години.
Како и денес, луѓето кон крајот на ледената доба ги користеле кучињата за влечење санки, за далечни патувања и за транспорт.