Првата серија за Трамп како претседател на САД
Продуцентската куќа „Шоутајм“ ја објави серијата „Правилото на Коми“, за кампањата и за првите месеци од владеењето на американскиот претседател Доналд Трамп, темпирајќи ја премиерата во исто време кога започнува немилосрдната борба за нов мандат. Иронично, најголемиот теоретичар на заговор, актуелниот претседател, се зарази со коронавирус. Покрај борбата за власт, контроверзниот американски претседател сега се соочува и со борбата за сопствениот живот. Откако се потсмеваше на носењето маски за време на дебатата со Џо Бајден, тој и неговата сопруга Меланија се заразија со вирусот.
Добитниците на наградите „еми“, Џеф Даниелс и Брендан Глисон, ги играат поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми, и Доналд Трамп во американската мини-серија базирана на бестселерот на „Њујорк тајмс“, „Висока лојалност“. Директорот на ФБИ ја напиша книгата откако беше „отпуштен“, затоа што тој наводно започнал истрага за вмешаноста на Русија во доаѓањето на Трамп на власт. Аферата, која потсетуваше на „Вотергејт“, сега го доби своето место во мини-серијата, а интересно е што во дводелниот телевизиски проект се појавува и лик што го глуми Барак Обама.
„Правилото на Коми“ е политичка драма, која премиерно беше прикажана на „Шоутајм“ на 27 септември и ја раскажува приказната за претседателската кампања на Трамп во 2016 година и за првите месеци од неговото владеење на чело на најмоќната држава во светот. Првиот дел од серијата ја следи истрагата за електронска пошта на Хилари Клинтон и нејзиното влијание врз изборниот исход, додека втората епизода се фокусира на првите денови на Трамп во Белата куќа во 2017 година, како што е дефинирано со промотивниот текст на серијата: „Кога сојузниците стануваат непријатели, и потоа кога непријателите стануваат пријатели, а вистината зависи единствено од тоа на чија страна сте“.
Џејмс Коми за проектот вели дека тој ја носи приказната за денешна Америка и времето на лажен информативен терор, кога треба да се направи најдобриот избор помеѓу ужасните понудени опции. Бидејќи американската филмска индустрија отсекогаш го имала тој патриотски шарм, поранешниот директор на ФБИ исто така порачува и дека државата и владеењето на правото се поважни од која било партија, со примеси на вечниот страв од „Студената војна“ со Русите. Неговата сопруга го молела да се откаже од вршењето на својата работа и да не отвора истрага за серверите каде што беа зачувани контроверзните мејлови на Клинтон, за кои денес сите тврдат дека му овозможиле на републиканскиот кандидат да победи на изборите во 2016 година. Меѓутоа, петнаесет дена пред изборите, Коми реши да ја заврши својата работа, целосно дискредитирајќи ја Хилари Клинтон и создавајќи ја аферата „Пицагејт“.
Само на премиерата, серијата ја гледале близу милион потенцијални гласачи. Глисон е многу сличен на Трамп по начинот на кој се однесува и зборува што ја замаглува границата помеѓу реалниот живот на Американците и она што тие го гледаат денес на телевизија.
Актерот Брендан Глисон го претставува Трамп во полн сјај на неговата гордост, а секоја негова реченица има поттекст за големиот деловен успех на њујоршкиот магнат. Трамп изгледа како во секое време да е позициониран во шоу-програма во која ги малтретира сите свои соработници, не престанувајќи да обвинува и да манипулира. Зад адаптација на книгата и режијата стои Били Реј („Игрите на гладните“ и „Капетан Филипс“), а проектот овозможува увид во застрашувачкиот хаос што владее во администрацијата на Трамп и бележи дел од модерната историја, која ќе го исфрли секој оној што ќе се осмели да покаже трошка морал. Меѓу нив беше и јавната обвинителка Сали Јејтс (Холи Хантер), која беше отпуштена од Трамп затоа што ги игнорираше неговите барања, со законска рамка да се дефинира забраната за влез на бегалци и патници во САД од земјите со мнозинско муслиманско население.
Републиканците веќе ја означија серијата „Правилото на Коми“ како мудро изработена пропаганда против Трамп, спрема која претставувањата на односите во Белата куќа во контроверзната серија „Куќа од карти“ се благи.
Останува речиси еден месец до изборите во САД, а светот деновиве се прашува што ќе се случи ако Трамп мора да се повлече од претседателската трка поради болеста предизвикана од коронавирусот и хоспитализацијата. Во меѓувреме, американскиот претседател направи фотосесија во Белата куќа, покажувајќи дека тешката дијагноза не го спречува да ја извршува својата работа.