Хрватскиот музичар Крунослав Кичо Слабинац почина утрово на 77-годишна возраст во загрепската болница, каде се лекувал од крајот на јули.
Тој бил подложен на операција на срцето и вградени му биле три бајпаса поради сериозно срцево заболување кое ги зафатило крвните садови.
Оттогаш бил на интензивна нега и поврзан со апарати за дишење.
– Пред неколку недели требаше да биде одделен од апаратот за дишење, но неговата состојба повторно се влоши. Доби пневмонија и инфекција – пишува „Индекс“.
Слабинац беше еден од најпопуларните пејачи во поранешна Југославија, а неговите песни станаа големи хитови.
Песните „Плачам“ и „Летај ми, летај гулабе“ и „Ангела“ ги сними на македонски јазик.