Астрид Кирхер, фотографка чии фотографии од „Битлси“ помогнаа тие да се претворат во икони, почина на 81-годишна возраст.
Иновативната германска уметница Астрид Кирхер го следела и снимала патот кон славата на групата откако ги слушнала во Хамбург.
– Интелигентна, инспиративна, иновативна, смела, уметничка, будна, свесна, убава, паметна, сакана и незаменлив пријател на многумина. Нејзиниот подарок на Битлси беше неизмерен – објави на Твитер, Марк Луисон, биограф на „Битлси“.
Кирхер е родена во Хамбург во 1938 година и ја помина Втората светска војна во евакуација на балтичкиот брег. После војната, се вратила во Хамбург, се обучила за фотографка и наишла на, тогаш се уште не толку познатите „Битлси“, кои настапувале во тамошен ноќен клуб.
– Целиот мој живот се смени за неколку минути – рекла таа подоцна.
Кирхер ја направи првата фотографија на „Битлси“ на градскиот саем во 1960 година, кога басистот, Стјуарт Сатклиф и тапанарот Пит Бест, сè уште биле членови. Таа била во врска со Сатклиф и му ја направила косата во стилот „моптоп“ што станал препознатлив и карактеристичен изглед за раните „Битлси“.
Подоцна тој стил бил наречен битлс-фризура. Таа и Сатклиф наскоро се вериле, но во 1962 година тој почина од крварење на мозокот на возраст од 21 година.
Таа и „Битлси“ останаа пријатели – таа замина на одмор со нив во Париз во 1963 година, веднаш по нивниот прв сингл кој се пласираше на првото место во Велика Британија. Таа им направи многу вредни и признаени фотографии, а го фотографираше и Џорџ Харисон за неговиот соло-албум од 1968 година „Wonderwall Music“.
Нејзиниот прв брак со ливерпулскиот музичар Гибсон Кемп, исто така имал врска со „Битлси“ – тој беше замена за Ринго Стар во групата „Рори Сторм енд Хуриканс“.
Подоцна во животот работела како стилист и дизајнер на ентериер и отворила продавница за фотографија.