Македонската независна издавачка етикета „Пост глобал рекордингс“ учествуваше на првото „Биенале на Западен Балкан“, кое се случи во Јанина на 11 октомври. Тони Димитров и Мартин Георгиевски настапија со перформанс во живо, во транспарентен мобилен простор, специјално дизајниран за оваа намена.
„Биеналето на Западен Балкан“ е нов уметнички и културен настан и институција, кој се одржува првпат во градот Јанина, во регионот Епир, во октомври 2018 г. Визијата е да ги донесе нематеријалното културно наследство и вредностите за заедницата во современ контекст, во врска со уметноста и новите технологии.
Целта е да поддржи и да презентира современа уметност, која може да ги вклучи аспектите на нематеријалното културно наследство на заедниците на Грција и Западен Балкан, како и на европското и меѓународно поле.
Исто така „Пост глобал рекордингс“, со свој звук, ќе биде дел и од звучната изложба „Соник мајндс: Мнемоник пасаџис“, конципирана за мобилна апликација и користејќи го урбаниот градски пејзаж на Јанина како простор за изложување.
Изложбата за звук „Соник мајндс“ е нематеријална изложба, која може да се истражи преку слободни прошетки по урбани и природни патеки со користење на локативна медиумска мобилна платформа. Изложбата го истражува односот на звукот и меморијата како колективен и културен израз, преку звучна уметност и усна историја.