Американскиот претседател Доналд Трамп постхумно го рехабилитираше поранешниот шампион во тешка категорија, боксерот Џек Џонсон, кој пред повеќе од еден век е осуден по тогашните закони со кои биле дискриминирани Афроамериканците.
Претседателот на САД пред еден месец најави дека размислува за рехабилитацијата на Џонсон, а случајот му го посочил познатиот холивудски актер Силвестер Сталоне. Според Сталоне, поранешниот шампион во тешка категорија бил инспирација за ликот на Аполо Крид во филмовите „Роки“.
– Мислам дека Џек Џонсон е личност вредна за помилување. Сакаме да исправиме една историска неправда, изјави Трамп при потпишувањето на рехабилитацијата на која присуствуваше и Сталоне, како и поранешниот шампион во тешка категорија Ленокс Луис.
Џонсон е осуден во 1912 година поради врска со бела жена, по што неговата успешна кариера почнува да пропаѓа. Животот го завршува трагично во 1946 година во сообраќајна несреќа.