Шеесет и пет години рокенрол и 50 години „Вудсток“
Хипиците имаа свој сопствен свет, посебен идентитет и карактеристична свест. Во голема мера беа продуховени, масовно беа заинтересирани за можноста да трансцедентираат за да постигнат целосна состојба на свеста. Секогаш инсистираа на важноста на субјективното искуство и приматот на вечното „сега“. Идентитетот на хипиците се манифестираше во нивниот посебен, забележителен и експресивен стил, во голема мера тоа беше стил заради стил. И покрај екстремноста што го карактеризираше, хипи-стилот содржеше извесна мистичност но и внатрешна логика, која во најголема мера не беше сфатлива за случајните набљудувачи. Долгата коса претставуваше централен израз на нивниот идентитет, најмоќна потврда за слободата, посебно во однос кон конвенционалното општество, претставуваше враќање кон природата, желба за форма на похармонична форма на заедничко постоење.
Претставниците на хипи-движењето носеа мустаќи или брада како симбол на нивниот културен избор. Хипиците ја третираа својата култура како субверзивна енергија што ги прекинува корените на општеството и е оживотворена критика на материјализмот и на фарисејството на современото индустриско општество. Хипиците тврдеа дека материјалните вредности не ги интересираат, но сепак прифаќаа помош. Имаа презир кон напредната технологија, но слушаа музика на музички уреди и уживаа во системите за осветлување. Сите овие карактеристики го сочинуваа нивниот посебен карактер, нивниот специфичен идентитет, кој ги разликуваше од припадниците на преостанатиот свет. Како и да се гледа и анализира, припадниците на хипи-движењето имаа поинаков и порадикален стил на живот од другите.
„Мирот и љубовта се универзални теми. Се лаже оној што мисли дека тие останаа во 1969-тите“, Џон Ленон. Во основата на движењето беа мирот и љубовта. За хипиците љубовта беше еден вид моќ. За да ја претстават соодветно и визуелно, за симбол на љубовта го зедоа цветот. Една од нивните најомилени мантри беше: љубовта е моќ на цвеќето. Токму поради ова хипи-движењето се залагаше за сеопфатна љубов кон човештвото. Хипиците веруваа дека љубовта ќе го промени светот и ќе доведе до мир. Кога демонстрираа поради полициската бруталност одговараа со подарување цвеќе. Прашањето за љубовта во хипи-идеологијата не беше само прашање на сексуални слободи и човекови права, туку и славење на животот, човечка топлина, ослободување од табуа, почитување на другите и нивната волја, преиспитување на патријархатот и слично. Затоа еден од нивните најголеми идеали беше мирот. Тие имаа презир кон воено-индустрискиот комплекс, кон војната, кон бруталностите и наметнатите авторитети. Беа единствена група што се залагаше за пасивен отпор, а можеби и најактивна групација во светското движење за мир. Беа видно безгрижни и отворени. Зрачеа позитивна енергија, се залагаа за заедништво, изразено преку формата на хипи-комуните и слично на тоа.
Музиката беше значаен фактор во животот на хипиците. Прогресивната рок-музика, според својата комплексност и ритмичка симетрија, совршено се вклопи во животниот стил на хипиците. Затоа, хипи-движењето се залагаше за прогресивна и андерграунд-музика. Поради тој факт ова движење нераскинливо е поврзано со рок-музиката, која претставува израз на незадоволства и надеж за новата генерација. Младите од тоа време сакаа да живеат, наместо да преживуваат. Претпочитаа да сакаат отколку да толерираат. Бегаа од учењето, а се фокусираа на истражувањето и откривањето. Но најмногу од сѐ ја сакаа музиката, особено добрата рок-музика, а специјално психоделијата. Така, ја слушаа музиката на Френк Запа за кој се верува дека со својот албум „Freak out“ ги постави темелите на овој правец во музика. Сепак, најкарактеристичен звук за хипи-движењето е звукот на западниот брег, есид-рокот. Овој вид музика беше заснован на психоделија и есид. Најзвучни имиња на оваа рок-музика беа „Грејтфул дед“, „Џеферсон ерплејн“, „Дорс“, „Кантри Џо енд д фиш“, „Битлс“ и „Ролинстоунс“. Од другата страна на Атлантикот, на европските хипици најблиска им беше блуз и хеви-музиката свирена од „Крим“, „Лед Цепелин“ и „Експириенс“. Но и во Европа хипиците слушаа психоделија и есид-музика, секако, најмногу од генијалните „Пинк флојд“. Нивни индивидуални музички херои беа: Џим Морисон, Боб Дилан, Џими Хендрикс, Џенис Џоплин, Френк Запа, Леонард Коен, Девид Боуви, Џо Кокер и Марк Болан.
Хипи-движењето и неговите членови беа познати како корисници, а добар дел беа и зависници од употребата на психоделични и опојни дроги, и тоа најмногу марихуана и ЛСД. А токму под влијание на оваа втората настанува психоделичниот рок, музика на внатрешното патување. Масовното земање дрога за хипиците имаше филозофска димензија. Во хипи-културата, на земањето на дрогата ѝ се даваше посебно место. Околу земањето на дрогата се развија посебни ритуали како: ритуално пушење, есид-забави, заедничко психоделично патување со музика и музички патувања под дејство на ЛСД. Во овој контекст, иако е големо зло, не може да не се говори и за големото консумирање дрога од страна на хипиците. Уживањето дроги за нив претставуваше централна тема на нивните сеанси. Но сепак за тоа платија голема цена. Иако определено време се објаснуваше дека сета нивна креативност доаѓа како резултат на употребата на дрогите, мислам дека побитен е фактот што со текот на времето употребената дрога психички и физички ги трошеше, и во најголем дел ги правеше некорисни членови на заедницата. Иако меѓу хипиците беше прифатена констатацијата дека ништо и никој не може да им направи кога се „хај“ и „надувани“, сепак една од главните причини за неуспехот и распадот е токму преголемото консумирање на сите овие опијати.
Сотир Костов