Средното економско правно училиште на град Скопје „Васил Антевски – Дрен“ активно учествува како партнер во неколку меѓународни проекти добиени од Националната Агенција за стратешки партнерства и мобилност. Деновиве, тие се домаќини на партнер-училиштата со кои работат на проект насловен „Нов живот – нова надеж“ и организираа настан кој ќе се памети засекогаш. На 2 април во петнаесет часот на платото пред Комеморативниот Музеј на Холокаустот група директори, професори и ученици заедно со македонскиот ликовен уметник, хуманист и борец за мир во светот, пуштија порака за мир со 56 бели гулаби и цветно декорирана порака испишана на сите јазици и потпишана од сите учесници.
– Проектот е добиен во рамките на Еразмус+ програмата, КА2 – соработка за иновации и размена на добри практики и стратешки партнерства меѓу училишта. Заедно со уште шест училишта од Европа, нашето училиште преку овој проект ќе се обиде да ја подигне свеста кај учениците и целокупната јавност да го разберат, прифатат и согледаат проблемот со бегалците и бегалската криза што го зафати целиот свет, да нема дискриминација во поглед на расна, верска, национална основа – ни објаснува координаторот на проектот проф.м-р Соња Панева.
Во проектот учествуваат пет земји: Турција со три училишта, Романија, Португалија, Шпанија и Македонија. Сите имаат задача да врат истражување и обука на учениците и колегите за статусот на бегалците, дистинкција помеѓу бегалец и мигрант, нивните права, начинот на кој можат да побараат азил и така натаму. Сите учесници во проектот секојдневно комуницираат и изработуваат креативни панели, работилници, средби и семинари со невладини институции кои се занимаваат со овој проблем. Имаат несебична поддршка и соработка од ИОМ(Интернационална организација за мигрантите), со УНХЦР, како и со Црвениот Крст на Град Скопје. Учениците осознаваат и ги согледуваат проблемите со кои се соочуваат бегалците. Организираат изложби, засадуваат дрвца во градскиот парк, тоа би требало да претставува шума која е како симбол на заштита на бегалците, опстанок и надеж дека еден ден ќе се вратат дома.
Проектот е интересен затоа што учениците добиваат можност да размислуваат на овие теми, да бараат креативни начини на кои можат да се прикажат застапените теми кои ги разработуваме, да изнајдат начини на кои корисно и иновативно ќе ги презентираат симболиките кои ги претставуваат бегалците. Најважно е тоа што преку контактот со други деца од други култури, тие имаат можност да научат повеќе за нив, да разменуваат искуства и ставови, да го подобрат владеењето на англискиот јазик и да создаваат нови пријателства. Со тоа се зголемува крос-културолошката толеранција и секако се развиваат идни соработки и партнерства – вели координаторот Панева.