Автор: Ерик Вајсброд

Си-ен-ен

Понекогаш доволна е мала промена во перспективата. Астронаутот на НАСА, Крис Кесиди, вчера испрати порака за единство до својот дом од Меѓународната вселенска станица и му порача на светот дека има надеж ако се држиме заедно.

– Надежта е во нашето единство. Кога оттука ја гледам планетата, таа изгледа како голем, убав вселенски брод со седум милијарди астронаути – порача Кесиди на прашањето на водителката Рејчел Крејн од Си-ен-ен каква порака има тој за жителите на Земјата.

Кесиди во моментов е единствениот Американец во вселената и командант на 63-тата експедициска мисија. Тој упати апел дека луѓето треба да соработуваат и секој да ја игра својата улога во чувањето на планетата и воедно здравјето.

– Исто како што ние тројца овде мораме да работиме во хармонија за да ги извршиме ефикасно и безбедно нашите дневните мисии, така треба да биде и на Земјата. Свесен сум дека полесно е да се каже отколку да се направи, но потребно е сите да се вложат што е прв чекор. Секој треба да биде одговорен, а само со заеднички сили на екипажот на планетата Земја, можат да се постигнат неверојатни нешта – изјави Кесиди.

Астронаутот е во Меѓународната вселенска станица од 9 април кога во САД беа регистрирани нешто помалку од 500.000 случаи на коронавирус, а починаа речиси 20.000 лица. Вкупниот број на заразени досега изнесува 1.356.000 лица, а има регистрирано најмалку 81.000 смртен случај. Кесиди вели дека во вселената „нештата се одвиваат нормално“, покрај пандемијата што го обиколи светот. Но тој призна дека „состојбата е сериозна“ откако разговарал со тимот со кој што се замени, односно астронаутите Ендру Морган и Џесика Мер кои заминаа за Земјата пред да се појави вирусот, но се вратија во поразличен свет токму поради пандемијата.

– Разменивме неколку пораки во кои наведоа дека морале да се приспособат од напорниот живот тука во вселенската станица на карантинот и изолацијата во домот – изјави тој.

Тој исто така одвои малку време да зборува и за Том Круз кој работи со НАСА на снимањето на филм токму во Меѓународната вселенска станица.

– Кога сака нека дојде, јас го чекам. Круз е многу паметен и сигурен сум дека ќе се снајде – порача Кесиди и додаде дека ќе му подготви топол пречек на актерот кој треба таму да ја помине обуката.

Превод: Билјана Здравковска