Мајмуните умираат од жолта треска, а поради рестриктивните мерки, за што причина е пандемијата, научниците не можат да ги вакцинираат
Ширењето на ковид-19 во Бразил се заканува дека ќе ги уништи трудот и напорот што траеја повеќе од половина век, за зачувување на силно портокаловите мајмуни – златни лав-тамарини. Бројот на мајмуни со лавовска грива што живеат само во Бразил, во текот на 1970-тите, по нивното заробување заради трговија, како и уништувањето на делови од Атлантските Шуми, нивното живеалиште, падна на 200 единки. Во наредните децении се вложени низа напори за зголемување на нивниот број, од генетски истражувања до одгледување, а потоа и сместувања во резервати, каде што има најмал број. До 2014 година нивниот број се зголемил на околу 3.700.
Првиот удар, пред пандемијата на новиот корона вирус, се случи во 2017 г., кога околу 30 проценти од обновениот број мајмуни ги уби жолтата треска. Во 2020 г., добивањето на вакцината против жолтата треска, на која се работи со години, е одложена поради пандемијата.
– Бевме многу изненадени кога тамарините почнаа да умираат од жолта треска – вели Рус Миермајер, шеф на непрофитната организација „Глобал вајлдлајф конзервејшн“, која ги проучува златните лав-тамарини од 1970-тите.
Кон средината на 2017 г. бројот на златни лав-тамарини почна да се намалува.
Карлос Рамон Руиз-Миранда, приматолог во Државниот универзитет во северно Рио де Жанеиро и неговите колеги само што го завршиле рутинското истражување на популацијата на малите мајмуни. Бразил е во екот на најголемиот бран на жолтата треска.
Руиз-Миранда се загрижил што не можел да најде ниту еден златен лав-тамарин во биолошкиот резерват Поко дас Антас, главното подрачје за проучување од 1985 година.
– Бев загрижен и по малку уплашен, бидејќи станува збор за голема популација, и тогаш сфатив дека се случило нешто лошо – вели тој.
Набрзо локалното население почна да упатува повици кон истражувачите дека на земјата лежат болни тамарини што не можат да се качат на дрвјата и така умираат.
– Навистина е ретко да се најдат мртви златни лав-тамарини што лежат на пасиштата. Мајмуните имаат тенденција да се задржуваат во шумата, пасиштата ги преминуваат само накратко поминувајќи од една на друг крај од шумата, а ако се случи да умрат, нивните лешеви брзо исчезнуваат поради големиот број грабливци и високата влажност на воздухот – додава тој.
Во мај 2018 година, научниците и официјално ја потврдиле првата смрт на златен лав-тимарин од жолта треска. Денес има останато само 2.516 мајмуни од овој вид.
Во биолошкиот резерват Поко дас Антес во Рие де Жанеиро истражувачите пронашле 30 живи лав-тамарини, но популацијата во овој резерват се намалила за дури 70 проценти. Научниците одлучиле дека пронаоѓање вакцина е најдобрата шанса да се спаси овој редок вид. За да биде вакцината успешна, мора да се спроведе прецизно и на ограничено подрачје. И баш кога Руиз-Миранда и неговиот тим ја чекале последната дозвола пред излегување на терен за вакцинирање пет групи мајмуни, пандемијата на ковид-19 ги спречила и ги оневозможила да ја вршат работата. „Заглавени“ дома, научниците не можат да појдат на терен и да ја продолжат работата. Изгубија седум месеци.
– Бевме фрустрирани поради бирократијата. Еднаш неделно упатувавме повици, обидувајќи се да постигнеме нешто, да го забрзаме процесот пред да ги загубиме целосно тамарините – вели Руиз Миранда.
Конечно, во септември добиле дозвола и вакцинирале една група мајмуни. Групата ќе биде набљудувана во наредните 6 до 12 месеци, пред вториот круг вакцинирање. Дополнителен предизвик и опасност претставува понатамошното ширење на новиот коронавирус. Колку повеќе се шири, толку повеќе ги ограничува научниците во работата. Ако сѐ се одвива според планот, ќе бидат вакцинирани 500 единки, што е минимален број за да се одржи популацијата во дивината.