Централниот настан, дефилето на маските, ќе се одржи в недела, во 14 часот, во центарот на Вевчани, а се очекува да го проследат 10.000 гости од земјава и од странство
Традиционално, и оваа година, Вевчани од 12 до 14 јануари ќе се претвори во театар на отворено, без режија и цензура, центар на сатирата за настаните што ја одбележаа минатата година. „Вевчанскиот карневал“, кој има 14-вековна традиција и со кој се слави доаѓањето на Новата година по стариот календар, ќе почне со забава на 12 јануари.
Програмата официјално започнува в сабота, со изложбата на уметнички фотографии „Маски и асоцијации“ од авторот Анастас Ќушкоски, а продолжува вечерта со забавниот дел од музичката програма што ја предводи македонскиот музички великан, групата „Архангел“. Ќе настапат и Ненад Милосављевиќ, популарниот Неша Галија, лидер на истоимената група од Ниш, бендот „Културно уметнички работници“ и диџеј Рутбој. Следниот ден, 13 јануари, во 14 часот ќе почне централниот настан, дефилето на маски, а се очекува да го проследат 10.000 гости од земјава и од странство.
– Изработени се повеќе од 1.000 поединечни и групни маски, кои се чуваат во тајност, а се подготвуваат цела година. Нивната инвентивност ќе ги поттикне на размислување сите што ќе ги видат, бидејќи василичарите преку нив ја критикуваат актуелната власт, ги критикуваат потезите што таа ги направила, за кои сметаат дека не се во ред. Тие се еден добар коректив, многу работи можат да се видат и да се слушнат и на крајот да се преземе нешто да се исправат девијациите во владеењето – вели вевчанскиот уметник Симун Лешоски, автор на дизајнот за пасошот на „Република Вевчани“ и на вевчанските банкноти – личници
Вечерта, пак, во пресрет на пречекот на Новата година по стариот календар, гостите и василичарите ќе ги забавуваат Кате и „Нели ти реков“, „Баклава“, „Џубокс бенд“ и „Оркестар зурли и тапани“ од Вевчани.
Според Лешоски, најголемиот настан се случува на 14 јануари утрото, во 2.30 часот по полноќ, кога младоженецот и невестата одат да полнат вода на вевчанските извори, од која подоцна приготвуваат кашарник. Карневалот ќе заврши истиот ден попладнето, со традиционалното палење на маските.
Со овој карневал се слави доаѓањето на Новата година според стариот календар и претставува спој меѓу паганскиот и современиот начин на прослава. Тој според своите специфични особини се одвојува од другите во светот поради неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски.
Градоначалникот на Вевчани, Сашо Јанкоски, посочува дека секоја година манифестацијата привлекува сѐ поголем број туристи и претставува своевиден бренд за местото.
– Обичаите преточени во спектакл јасно ја отсликувала потребата на луѓето преку маски да се ослободат од злото и од црните мисли, а Вевчани се претвора во сцена на која маскираните ги играат своите улоги во секоја улица, сокаче. Карактеристика на карневалот е дека секоја година има различни маски, односно постои непишано правило дека не треба да се повторуваат маските од претходните години, освен традиционалните маски, па затоа на крајот на карневалот тие се палат. Тоа е настан што е организиран и живее од народот и за народот на општината Вевчани – вели Јанкоски.
Задолжителни се маските на зетот и невестата, Глупавиот Август и музичарите. Особено е карактеристична улогата на Глупавиот Август. Оваа маска обично ја носат млади луѓе, полни со енергија, кои со публиката комуницираат со невообичаени движења и гестови, но и со карактеристичен вресок. Другите маски што може да се сретнат на карневалот се помали или поголеми групи, кои со костимите, гестовите и движењата обично ги исмеваат и жигосуваат појавите и личностите од општествениот живот, политиката, секојдневниот живот и сл.
Први на вратите чукаат зетот и невестата, како главни маски, а по нив и другите василичари. Секоја година нови лица се маскираат како зет и невеста, исто така машкото се маскира како невеста и по традиција шета по сите куќи, при што тропа трипати на вратата и луѓето ја даруваат невестата со пари.
„Вевчанскиот карневал“ е карневал со најдолга традиција во Македонија и пошироко, а од 1993 година е член на Здружението на европските карневалски градови.