Долгоочекуваната повторна средба на шесте ѕвезди на „Пријатели“ се емитуваше во четвртокот, 17 години по завршувањето на култната серија, а оригиналните членови на актерската екипа – Џенифер Анистон, Кортни Кокс, Лиса Кудроу, Дејвид Швимер, Мет Лебланк и Метју Пери заработија по пет милиони долари од специјалот, пренесува „Форбс“.
Новата епизода не е еден вид на „рестартирање“ на серијата, но не е ниту нов ситком. Наместо тоа, станува збор за хаотична средба меѓу актерите и режисерите, проследеноа со интервјуа, посета на оригиналниот сет каде што е снимена серијата, реконструкција и читање на нивните дијалози од познатите сцени, како и квиз-натпревар меѓу главните актери. Средбата ја претвори фикцијата на „Пријатели“ во еден вид реално шоу, кое ја потврди нивната „сеприсутност“ кај обожавателите. За крај, имаше модна ревија, додека Лиза Кудроу и Лејди Гага го изведоа популарниот хит „Smelly Cat“, а во текот на целата средба имаше и многу солзи.
Еден од највпечатливите сегменти на средбата беа обожавателите од целиот свет, кои објаснија како „Пријатели“ им помогнале дури и во најтешките мигови во нивните животи, и дека серијата овозможила создавање на голем број нераскинливи пријателства. Вивијан, обожавателка од Гана, им раскажа на присутните што за неа значело запросувањето на Моника, наместо тоа да го стори Чендлер.
– Гледајќи ја таа епизода, ме натера да размислувам дека и јас можам да ја преземам одговорноста за мојата сопствена врска. – вели Вивијан.
Обожавател од Индија вели дека „Пријателите“ му помогнале да тагува откако починал неговиот татко. Лиз, од Мексико, зборува за изолацијата поради нејзината сексуална определба, и за тоа како „Пријателите“ ѝ помогнале да се чувствува помалку осамено.
Сеприсутноста придонесе за големата гледаност на повратничката епизода и за парите кои таа ги донесе за екипата, дури и од страна на лица кои не биле родени кога серијата се емитуваше на малите екрани. Сепак, оваа сума претставува мал дел од богатството кое ѕвездите на „Пријатели“ го поседуваат сега.
Кога серијата се емитуваше на „Ен-би-си“ од 1994 до 2004 година, „Пријатели“ привлекуваа околу 25 милиони гледачи. Но, заработката дошла нешто подоцна. Продукциската компанија „Варнер Брос“, од првите четири сезони всушност била во загуба. Подоцна, кога „Ен-би-си“ ја презела серијата под закрила и одлучила да плаќа за продукцијата на шоуто.
Секој член на актерската екипа започнал со хонорар од 29 илјади долари по епизода кога серијата почнала да се емитува во 1994 година, а во седмата и осмата сезона нивниот хонорар достигнал еден милион долари по епизода. Тие станале најплатените телевизиски актери во тоа време бидејќи заработувале над еден милион долари по епизода во последните две сезони од серијата.
Популарната серија резултирала со вкупна заработка од речиси 1,4 милијарди долари откако почнала да се прикажува во 1994 година, според проценките на „Форбс“. Магазинот наведува дека секоја од шесте ѕвезди на „Пријатели“ добила по отприлика 136 милиони долари. А креаторите на серијата Дејвид Крејн и Марта Кофман, како и копродуцентот Кевин Брајт поделиле барем 550 милиони долари.
Актерите профитираат од серијата и по нејзиното завршување. Секој од нив добива 19-20 милиони долари годишно од репризи или прикажувања на стриминг-платформи и телевизии. А филмската компанија „Ворнер Брос“ заработува милијарда долари годишно од „Пријатели“.