Новиот филм „Повикот на дивината“, со Харисон Форд во главната улога, од вчера е на репертоарот на домашните кина. Покрај Харисон Форд, во другите улоги ќе ги гледаме Карен Гилан, Бредли Витфорк и популарниот француски актер Омар Си. „Повикот на дивината“ се наоѓа на редовниот репертоар на кината: „Синеплекс“, градското кино „Милениум“ – Скопје, 3Д кино Битола и „Киноверзум“ во Свети Николе.
Целиот живот го поминува со кучиња, ја разбира нивната природа и начин на живот, за што за авторската екипа на најновото остварување „Повикот на дивината“ станува прв избор за главниот протагонист на филмот. Прославениот холивудски актер Харисон Форд е во главната улога на најновата екранизација на истоимениот класик на Џек Лондон, во која главен партнер му е кучето Бак.
Приказната што е актуелна и по 100 години од нејзиното настанување, во режија на Крис Сандерс („Како да го тренирате вашиот змеј“), користи врвни визуелни ефекти и технологија на анимација со чија помош животните во филмот изгледаат сосема реално.
Приказната за Бак, кучето што е оттргнато од својот дом и препуштено на непознатото, според авторите на филмот, е приказна за пронаоѓање подобра и посилна верзија од нас самите. Бак е куче со големо срце, чиј речиси совршен живот целосно се менува. Наеднаш го селат од својот дом во Калифорнија и го носат во егзотичната дивина на Алјаска, во време на златната треска на крајот на 19 век. Како нов е вклучен во екипа кучиња што влечат санка за доставување пошта, потоа тој станува лидер на тимот. Бак има животна авантура и конечно го пронаоѓа својот мир кога станува сам свој газда.