Авторка: Ен Хорнадеј, филмска критичарка
Вашингтон пост
„Паразит“, кој е темен комичен трилер чие дејство се одвива среде судирот на економските класи во денешна Јужна Кореја, ноќеска испиша историја како прв филм од странско говорно подрачје што победи во категоријата „најдобар филм“. Филмот, кој не беше фаворит во текот на сезоната на награди и покрај тоа што ги освои срцата на Холивуд, исто така означи пресвртница за Јужна Кореја која освои „оскар“ за најдобар странски филм (порано категоријата се викаше „најдобар филм од неанглиско говорно подрачје). Филмот исто така освои награда за оригинално сценарио и за најдобра режија.
Победата на „Паразит“ наместо на фаворитот „1917“ претставува ретко изненадување на ноќта на „оскарите“ кои инаку станаа здодевни. Сите фаворити во главните категории, како Бред Пит, Лора Дерн, Рене Зелвегер и Хоакин Феникс, освоија „оскар“ што повеќе потсетуваше на формалност, што инаку треба да се смета за кулминација на богатата сезона на награди, во која победија на сите важни церемонии. Секој од нив ја заслужи златната статуетка, не само за нивните одлични изведби, туку затоа што глумеа дека се барем малку изненадени кога дојде нивниот најважен момент.
Токму „Паразит“ беше најголемото изненадување со тоа што неговата победа претставува охрабрувачки чекор напред за индустријата која со леснотија ги прилагодува филмовите за странски пазари, без да признае дека тие региони самите прават квалитетни филмови.
Лани мексиканскиот филм „Рома“ беше меѓу номинираните, но не успеа да ја освои главната награда. Годинава делуваше како Академијата за филмска уметност и науки, која инаку е позната по тоа што тешко се прилагодува на промени, конечно да го прифати фактот дека треба да се ценат различностите во филмската уметност. Бонг Џун-хо ова го истакна кога ја освои преименувата награда „најдобар странски филм“.
– Ја поздравувам и поддржувам новата насока што ја симболизира оваа промена – порача тој во својот говор.
Како уметнички филм, „Паразит“ заработи над 165 милиони долари во кината и јасно допре до гледачите во време кога во светот владее сиромаштијата, нееднаквост и меѓусебното неразбирање, што воедно и тој го прикажа. Што се однесува до Академијата, сигурно не беше проблем тоа што во комбинацијата на Бонг на мрачни тонови и стилизиран хаос неизбежно се забележуваше влијанието на големите режисери како Алфред Хичкок и Квентин Тарантино (циничните можеби ќе кажат дека Хичкок и Тарантино конечно добија „оскар“ за режија, што претходно не успеаја да го освојат). Бонг призна дека за неговиот успех се заслужни номинираните Тарантино и особено Мартин Скорсезе, кои во салата, успехот на младиот режисер го поздравија со громогласен аплауз.
Ова беше трогателен момент, но исто така го прикажа меѓусебното влијание што се почувствува меѓу годинашните кандидати. Техниките што Бонг поинаку вешто ги адаптираше во „Паразит“ направи филмот истовремено да биде оригинален и неверојатно близок до публиката, што е производ на машкиот светоглед кој сè уште доминира во Холивуд.
Помладото и посветски ориентирано членство сигурно е заслужно за успехот на „Паразит“ на „оскарите“ и беше за поздрав тоа што имаше голем број на жени, лица од расните малцинства и меѓународни уметници кои беа претставени во неколку категории меѓу кои најдобра костимографија и продукциски дизајн, најдобра шминка и фризура, документарен филм, краток анимиран филм, оригинално и адаптирано сценарио.
Но самите филмови прикажуваат веќе утврдени идеи за сериозноста и квалитетот што ќе биде потребно подолго време да се надминат.
Превод: Билјана Здравковска