Сексуалните работници и порноѕвездите ја збогатија онлајн-платформата „Онлифенс“, а таа сега ги пушта низ вода откако минатата недела објави дека ќе забрани „сексуално експлицитна“ содржина, со што остави десетици илјади работници од секс-индустријата загрижени за нивната иднина, поради извесното намалување на приходите.
„Онлифенс“ им овозможува на корисниците, односно моделите, да создаваат и да продаваат сопствени видеосодржини кои се достапни на публиката преку плаќање на одредена претплата. Сајтот претставува извор на приходи за голем број на работници од секс-индустријата кои создаваат содржина без посредници и без вклученост на порнографските компании. „Онлифенс“ постои од 2016 година, а со избивањето на пандемијата забележа зголемување на посетеноста.
Создавачите на содржина одлучуват за материјалот што го споделуваат, преку продавање на претплата, додека компанијата задржува 20 отсто од заработката. Ваквиот бизнис-модел се покажа како успешен за платформата која инкасира две милијарди долари од продажбата на претплати минатата година. „Онлифенс“ објави дека ги менува прописите за да се усогласи со барањата од банкарските партнери и компаниите кои ја овозможуваат исплатата, што го потврди и основачот на интернет-страницата, Тим Стоукли. Тој истакна дека нефер третманот од банките го принудил да ја забрани порнографијата на платформата.
– Немавме избор за промената на прописите, краткиот одговор е дека тоа е поради банките – кажа Стоукли во изјава за „Фајненшл тајмс“.
Откако ја забрани експлицитната содржина, британската компанија се соочи со обвинувања за напуштање на моделите кои помогнале во привлекувањето на 130 милиони корисници на платформата. „Онлифенс“ се соочува и со скептицизам за одржување на профитабилноста, по воведувањето на забраната која ќе стапи на сила од октомври, иако се уште дозволува голотија. Се смета дека моделите од „Онлифенс“ ќе бараат други онлајн-платформи кои дозволуваат експлицитна содржина, како алтернативи по забраната.
Платформата, наводно, се соочува и со притисок од компаниите за кредитни картички кои барале да се спроведе истрага за „Онлифенс“, тврдејќи дека овозможува и содржина во чие создавање учествуваат малолетници. За време на пандемијата, технолошките компании ја зголемија употребата на автоматска регулација, потпирајќи се на машините да ја отстрануваат несоодветната содржина.
Активистите и законодавците вршат притисок врз онлајн-латформите за подобра регулација на нивната содржина, додека работниците од секс-индустријата сметаат дека тие ќе бидат губитници од таквиот притисок, наведувајќи дека напорите за справување со секс-трговијата и со злоупотребата на деца неправедно ја опфатиле и нивната дејност.