Холивудската глумица Хали Бери откри дека Пирс Броснан ја спасил од задушување додека снимала секси сцена во еден од филмовите за „Џејмс Бонд“. Бери го изјави тоа во шоуто на Џими Фалон, каде што откри некои интересни случки од својата кариера.
Холивудската актерка откри дека Пирс Броснан, тајниот агент 007 во „Умри некој друг ден“, буквално ѝ го спасил животот за време на снимањето на сцена од филмот.
– Требаше да бидам секси во обид да го заведам со смоква, но почнав да се задушувам и тој мораше да стане и да ми направи Хајмлихов зафат. Беше тука за мене, тој секогаш ќе биде еден од моите најмили луѓе во светот. Но искрено, сето тоа не беше нималку секси – откри 53-годишната актерка.
Хајмлиховиот зафат е постапка при укажување прва помош со примена на силен ненадеен притисок врз абдоменот помеѓу папокот и ребрата. Со овој зафат се подига притисокот во градниот кош кај лицето што се задушува откако му застанале парче храна или некој предмет во душникот.