Младите ентузијасти, кои го градеа автопатот Братство и единство на трасата Куманово – Велес пред 40 години, беа сместени во некогашната акцијашка населба во Катланово. Тие денес повторно се собираат да се присетат на едно време на солидарност, хуманост и на искрено пријателство
По повод 55-годишнината од катастрофалниот скопски земјотрес околу петстотини акцијаши од цела некогашна Југославија, кои веќе на вториот ден од катастрофата дојдоа да помогнат во расчистувањето на урнатините, повторно се тука, во градот што знае да се исправи по залекувањето на секоја рана. Младите ентузијасти, кои го градеа автопатот Братство и единство на трасата Куманово – Велес пред 40 години, беа сместени во некогашната акцијашка населба во Катланово. Тие денес повторно се собраа да се присетат на едно време на солидарност, хуманост и на искрено пријателство.
Наедно ќе биде одбележан уште еден голем јубилеј, 70 години од почетокот на изградбата на мавровските хидроцентрали, од акцијата наречена „Вруток“, во која исто така учествуваа многу млади луѓе, од кои некои и ги загубија животите.
Организатор на овој убав настан е општината Гази Баба, чиј претседател Борис Георгиевски е поранешен акцијаш.
– Започна работната акцијата „Скопје на нашите дланки“ по повод 55 години од катастрофалниот земјотрес во главниот град во организација на здружението на граѓани „Акцијаши – Скопје“. Веќе пристигнаа 250 ветерани и млади акцијаши од цела некогашна Југославија, кои до денес работеа на уредувањето на просторот во студентскиот кампус и факултети во општината Гази Баба. Се почнува од ова место затоа што акцијашите по земјотресот во 1963 година го имаат изградено студентскиот дом „Стив Наумов“ во една од работните акции за обнова на градот Скопје. Учествуваат голем број млади од Македонија, Словенија, Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, кои во Скопје пристигнаа со воз. Целта е акцијашите заеднички да придонесат во расчистувањето на Скопје, а со тоа и младите да продолжат по стапките на возрасните – велат од локалната самоуправа.
Исто така се очекува и доаѓање на некогашни акцијаши од сите некогашни југословенски републики, кои ќе бидат сместени во војнички шатори во некогашната акцијашка населба во Катланово.
– Од 27 до 29 јули во младинската населба во Катланово се одржува собир на поранешни акцијаши, учесници на младински работни акции во Македонија и во поранешна Југославија од 1946 до 1999 година, кога, за жал, со промена на системот згаснаа работните акции. Јас сум учествувал на 33 работни акции, најубавите ми се на изградбата на пругата Шамац – Сараево, а бев сместен во акцијашката населба во Давидовиќи, БиХ, а многу ми е драго што ме поканија и на отворањето. Бев и во Сараево два месеца, работејќи на објекти за Зимската олимпијада, на Јахорина, Бјелашница, Игман… Во 1979 и 1980 година учествував и во акцијата „Загреб“ на Сава каде што ги градевме насипите, кои придонесоа да нема поплави во овој крај. Во Македонија, во штабот во Катланово, бев постојано некои години по 3, некои по 6 месеци. Јас бев акцијаш и естраден уметник и на акциите во Стрежево, Плачковица, Попова Шапка и Охрид, секаде каде што се градела нашата земја – вели познатиот хуморист Војче Китановски, кој и овој пат ќе биде водител на програмата.
Според најавите, за утре е планирана посета на мавровските хидроцентрали, а в сабота посета на трасата на автопатот од Велес до Куманово и назад, неколку прошетки низ Скопје, а белег ќе бидат двете бригадирски вечери.
– За оваа пригода ќе ги потсетам бригадирите на некои анегдоти и интересни случки. Ќе ги поздравам со зборовите дека работните акции беа најубавиот дел од нашата младост. Во последниве години и во други поранешни југословенски републики има вакви настани, па токму затоа и ние се решивме да го организираме овој собир, со кој ја одбележуваме и годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје. Оние што пристигнаа се одушевени, а меѓу нив повеќето се накитени со сите ударнички значки што ги добиле за своето залагање, меѓу кои е и Ненан Бјелош од Панчево. Во забавниот дел ќе настапи и ветеранот на македонската забавна музика Драган Мијалковски, како и неколку оркестри. Сите ќе добијат маички, благодарници и пофалници – ни рече Китановски.
Тој се присети и на миговите на разделбата на акцијашите по едномесечната работа и дружба.
– На заминување никој не сакаше да си оди, имаше многу солзи. Тоа никогаш нема веќе да се повтори. А се раѓаа и многу љубови, акцијашки бракови. На нашиот профил на Фејсбук, кој е доста посетен, исто така се евоцираат спомени – се сеќава познатиот акцијаш.
Претседателот на одборот на здружението „Акцијаши-ударници“, Стојан Толевски, исто така е многу задоволен од организацијата и од реализацијата на овој голем настан.
– Долги години младите од некогашна Југославија, со гордост, солидарност и со чесност ја градеа својата тогашна татковина. Сите што се тука и што пристигнуваат за да го одбележиме јубилејот, се радуваат на спомените на едно убаво време на младост и ентузијазам, во кое немаше инциденти, навреди. Ќе се потсетиме и на забавите, на акцијашкото гравче, марендата на трасите. Наедно ги покануваме акцијашите од Македонија да дојдат во Катланово да се дружиме и да им покажеме на младите со каков дух на солидарност и заедништво ја градевме нашата татковина – вели Толевски.