Во спомен на големиот пејач, композитор, поет и глумец
Песните „Љуби ме и главата горе“, „Од љубов не се бега“, „Има ли“, „Љубов неверна“, „Земи момче Македонче“, „Како Вардар“ се само дел од музичкото наследство што ни го остави големиот македонски пејач, композитор, поет и глумец Зафир Хаџиманов, кој почина во саботата во Белград, на 77 години.
Голем број негови почитувачи, колеги и соработници од повеќе генерации се простуваат од него на социјалните мрежи со одбрани зборови за легендата. „Песните за Зафир се дел од колективната меморија на Македонците“, напиша еден од неговите обожаватели.
Српските медиуми јавија дека причина за смртта на Хаџиманов е ковид-19, иако тој повеќе месеци имаше проблеми со здравјето, по кршењето на десната рака, а во последно време и со срцето. И покрај тоа, со голем ентузијазам работеше на неколку проекти, а особено се радуваше на излегувањето од печат на изборот од неговата поезија, со наслов „Песни на мојот живот“, во издание на издавачката куќа „Феникс“ од Скопје.
Мултиталентираниот Македонец, освен незаборавни евергрини, зад себе остави и филмски и театарски ролји, учеството во првиот македонски мјузикл и многу напишани книги. Иако поголемиот дел од животот го мина во Белград, никогаш не ја заборави својата татковина, која целиот живот ја промовираше низ светот. Во 2007 година беше назначен за почесен амбасадор на културата на Македонија во Србија.
– Јас никогаш не сум бил автор и интерпретатор што бркал слава и пари по секоја цена. Секогаш кога ќе седнам нешто да творам, тоа го правам од срце. Тоа се чесни песни, посветени на мојата публика, и целосно стојам зад нив. Досега многупати сум бил пионер и сум придонел за просперитетот во мојот занает.
Никогаш не одев по полесниот пат. Секогаш го избирав потешкиот за да оставам длабоки траги зад себе, кои ќе бидат компас за тоа како треба да се негува една култура – изјави Васил Хаџиманов во интервјуто за „Нова Македонија“, кое го даде пред шест месеци.
Повод беше реиздавањето на цедето „Зафир пее, Македонија пее“, од страна на дискографската куќа „Кроација рекордс“, кое првпат е отпечатено во далечната 1986 година. Тоа е всушност пресек на најдоброто од македонската поезија и музика. На албумот има десетина шансони и балади напишани на стиховите на големите македонски поети: Константин Миладинов, Кочо Рацин, Блаже Конески, Ацо Шопов, Радован Павловски…, како и безвременските песни „Зајди, зајди, јасно сонце“ и „Од љубов не се бега“.
– Овој албум е нешто највредно што сум го изнедрил. Секој стих, од првата до последната шансона на ова цеде, е вистински бисер, а мојата музика и пеење само го облагородуваат и милуваат. Се надевам дека во Македонија конечно ќе заживее овој албум и едукативен проект, бидејќи сметам дека секоја куќа би требало да го има, како книгите на Кочо Рацин и на Блаже Конески – рече во интервјуто за нашиот весник Хаџиманов.
Зафир паралелно со сценските и музичките настапи пишуваше и објавуваше поезија на македонски и на српски јазик. Во 1978 година ја издаде првата збирка со стихови „Шансони на папиру“, по која е снимен истоимен албум и концерт на фестивалот „Белградска пролет 78“. Од 1980 до 1990 година објавува три поетски книги, меѓу кои: „Пас певачица“, „Азил“ и „Народен пејач“. Во 1994 година ја објави првата книга проза „Кисело весело“, а во 1997 година книгата со избрани и нови песни „Брат“. На социјалните мрежи често споделуваше кратки биографски раскази од книгата што се надеваме постхумно ќе биде отпечатена.
Големата творечка енергија, дарбата и шармот Хаџиманов ги ширеше насекаде околу себе. И постојано си поставуваше нови предизвици.
– Хаџиманови не сакале да бидат почитувани само во своето маало, туку да бидат гладијатори на уметноста на сите арени во светот – велеше тој.
Роден е на 25 декември 1943 година во Кавадарци. Неговиот татко, етномузикологот Васил Хаџиманов оставил записи на 10.000 македонски народни песни, кои сега се чуваат во МАНУ. По преселувањето во Скопје, семејството живее во куќата што постои и денес, од левата страна на македонската влада. Зафир паралелно учи гимназија и музичко училиште, а потоа оди во Белград да студира глума. Дипломира во 1967 година. Глумел во неколку филма, меѓу кои и во „Македонска крвава свадба“, а како зрел уметник брилјира глумејќи во неколку мјузикли во Белград и во Нови Сад, но и на Бродвеј, меѓу кои е и „Виолинист на покривот“, со над 100 изведби.
Сепак, најголема популарност на Зафир му донесе пеењето. Дебитира на „Скопскиот фестивал“, каде што неколкупати победува, а освојува први места и во Опатија и на други фестивали во некогашна Југославија. Заедно со колегите оди и на повеќемесечни турнеи низ Европа и во Русија. Во златното време на југословенската забавна музика решава да се пресели во Белград.
Во една пригода Зафир изјави дека никогаш не помислил дека во овој град ќе остане до крајот на животот, бидејќи посакувал да живее и да работи во Њујорк, Лондон, Париз и во Москва, на чии сцени одржувал концерти. Но животот пишува романи, па иако заминал во САД на постдипломски студии, љубовта кон Сенка Велетанлиќ го вратила назад.
– Затоа и ја напишав сега веќе култната песна „Од љубов не се бега“. Да не се случеше таа голема љубов, ќе отидев во САД и, веројатно, немаше да се вратам – велеше Хаџиманов.
И со својата Сенка, исто така талентирана пејачка, Зафир остана до крајот на животот, делејќи добро и лошо. Велеше дека таа е љубовта на неговиот живот, а заедно испеаја и неколку дуети, кои и денес со задоволство се слушаат, а омилени кај публиката се „Има ли“ и „Љуби ме и главата горе“.
Зафир секогаш со задоволство доаѓаше во Скопје и низ Македонија, учествуваше на фестивали, а особено драг му беше „Макфест“, каде што испеа неколку евергрини, кои и денес живеат, меѓу кои е „Јануарска ноќ“ од 1991 година. Никогаш не одбегнуваше да даде интервју за печатените медиуми и да гостува на радио и на телевизија, каде што во неколку наврати беше и одличен водител. Беше извонреден соговорник, отворен, духовит и елоквентен.
Негова голема болка и неостварена желба беше што не стана добитник на некоја од државните награди. Сепак, лани му беше доделено признанието „Гоцева мисла“од страна на фондацијата „Македонија презент“.
Од публиката во Македонија се прости со голем солистички концерт во Универзалната сала на 15 март 2007 година, насловен „Од љубов не се бега“. По повод 55 години од неговото музичко творештво, на 28 ноември 2014 година е промовиран неговиот компилациски албум со 19 песни, проект поддржан од Министерството за култура.
Лозата на семејството Хаџиманови ќе ја продолжат неговиот син Васил Хаџиманов, кој се вбројува меѓу најдобрите џез-пијанисти во светот, и неговата внука Марта, која студира соло-пеење.