Видеозаписот на песната „Извор“ на Сара Александровска, која е позната под уметничкото име Авелина, што пред неколку дена беше објавен на Јутуб, внесува свежина на македонската музичка сцена. „Извор“ има цел да не разбуди и спои со заборавените духовни и фолклорни традиции.
Музиката и текстот се на Александровска која ја изведува песната. Музичката и вокалната изведба е збогатена со видеозапис снимен во близината на археолошкиот локалитет „Баргала“ во близина на градот Штип. Александровска ги оживува древните ритуали на нашите предци, кои со нивното изведување се надевале дека ќе добијат подобар и побериќетен живот.
– „Извор“ е плод на долгогодишно внатрешно патување и истражување на тоа која сум јас, и која е оваа земја пред мене. Инспирацијата што ја исплете оваа песна беа визиите и чувствата кои шепотеа во слики од минатото, слика на сплотен народ и милостивите и блажените меѓусебни односи на народот, кои ми продреа во срцето со својата чистина и ведрина. Стиховите „Стани и ти горо, дојди и ти сестро“ се чувство за будење на природата во нашите очи и повик кон сите жени за обединување – објаснува Александровска.
Покрај песната „Извор“, таа има уште четири компонирани песни, за кои чека да влезат во продукција. В.Т.