Руските жени се најдобри жени во светот и самите ќе одлучат што ќе прават, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, од кого беше побарано да го коментира повикот на Претседателката за семејни прашања при Државната дума – Тамара Плетнова, Русинките да немаат сексуален однос со странски навивачи.
Песков истакна дека Кремљ нема никаква врска со оваа тема, објави „Вашингтон пост“.
– Што се однесува до руските жени, тие ќе одлучат за себе, тие се најдобрите жени во светот- нагласи Песков.
Во пресрет на почетокот на Светското фудбалско првенство во Русија, Плетнова предупреди дека со влегување во сексуални односи со странци, Русинките можат да си создадат многу проблеми, како што се деца родени во семејство со еден родител, или да се случи децата да бидат одземени од татковците.
– Дури и ако се случат бракови по такви ситуации, девојките не знаат како да излезат од нив. Потоа доаѓаат плачејќи во мојата комисија, им се одземаат нивните деца и така натаму- рече Плетнова и потсети што се случи по Олимписките игри во Москва во 1980 година, кога бројот на самохрани мајки драстично се зголемил.
Светското првенство во Русија започна вчера и ќе трае до 15 јули.
Се очекува Москва да ја посетат околу еден милион туристи за време на шампионатот, додека повеќе од два милиона билети се продадени на официјалната веб страница на ФИФА.