Во присуство на многубројна домашна и странска публика, синоќа официјално беше отворен шоурумот „Обединета мода“, со што се означи почетокот на деветнаесеттото издание од најголемиот моден настан во метрополата.
Присутните гости имаа ексклузивна можност одблизу да се запознаат со работата на 28 европски дизајнери и брендови, чиишто најнови колекции се изложени на промотивните штандови во зградата на Европски универзитет.
При свеченото отворање на 19-тото издание на Моден Викенд Скопје, дел нивните креации се преселија од закачалките на модната писта, во склоп на заедничкиот перформанс што ги обедини нивните различни естетски визии за сезоната есен-зима 2018-2019.
А, дека на македонската мода ѝ се насмевнува блескава иднина, одново докажа Европскиот универзитет, кој и годинава традиционално се претстави на Моден Викенд Скопје, овој пат со студентската модна ревија „Ив Сен Лорен и јас“.
Ревијата во која земаа учество осумнаесет студенти од насоката моден дизајн на Факултетот за арт и дизајн со педесет и пет модни изгледи, посветена е на креативното наследство на францускиот моден гениј Ив Сен Лорен.
Студентите имаа предизвик да направат сопствена интерпретација на креации од различни периоди на неговото творештво до 2002 година, кога тој се повлекува од создавањето модни колекции.
Програмата на првиот ден ја заокружи новата колекција „Prénda“ на познатата косовска дизајнерка Јилка Брада, чијашто муза е божицата на љубовта и убавината, есенцијата на секоја жена што некогаш чекорела, или, пак, ќе зачекори на планетата Земја.
Паралелно со споменатите ревиски случувања, своевиден празник за сетилата претставуваше и модната изложба придружена со филм од концептуалната платформа за европски дизајн „Иван Асен 22“, која по успешните презентации во Бугарија, Австрија, Јужна Африка и Германија, стигна и во Македонија.