„НОВА МАКЕДОНИЈА“ ВЕ ВОДИ НИЗ ДИВИТЕ ПРЕДЕЛИ НА КОЛУМБИЈА

Кибдо е називот на престолнината на провинцијата Чоко, на западот на Колумбија, по должината на реката Атрато, еден од најсиромашните региони во земјата, каде што поголемиот дел жители се потомци на африканските робови што ги донеле шпанските колонизатори во 16 век

Весна Дамчевска, специјално за „Нова Македонија“ од Колумбија

Ретки се шансите во животот да посетите некое навистина необично место во светот, кое тешко се наоѓа на мапа, а уште потешко се стигнува до него, место што никогаш не би ви паднало на памет да го видите, што го нема на „Трип адвајазор“, ниту на кој било друг туристички вебсајт, дел од светот во кој е речиси невозможно да заталкате случајно, затоа што е комплетно непристапен, тип на град (претенциозен термин за таков вид неурбана заедница) за каков што воопшто не сте ни знаеле дека воопшто постои. Таква шанса, една во милион, имав неодамна, при посетата на јужноамериканската држава Колумбија, земја доволно егзотична и без случајната можност за посетата на оваа мистериозна и непристапна област.
Кибдо е називот на престолнината на провинцијата Чоко, на западот на Колумбија, по должината на реката Атрато, еден од најсиромашните региони во земјата, каде што поголемиот дел жители се потомци на африканските робови што ги донеле шпанските колонизатори, кои тука стигнале во 16 век. Во придружба на неколкумина претставници на една хуманитарна организација, еден Македонец и двајца Колумбијци, пристигнуваме со мал авион на локалниот аеродром. Поголеми летала не сообраќаат затоа што бројот на патници ретко надминува триесетина. Првиот впечаток е спарнината, која обзема уште со првиот здив. Во овој регион во Колумбија наврнуваат 11.770 сантиметри дожд годишно.

Градот има и свој музеј

Нѐ пречекува неверојатно влажен тежок воздух, жештина уште од раните утрински часови, подоцна дознавам дека Кибдо е највлажниот град во светот, со екстремна тропска клима. Пријатно е само во џипот што нѐ презема од аеродромот. Веднаш ги вртам перките на вентилацијата директно кон лицето, за да ми се разбистри погледот на околината, која, ни помалку ни повеќе, изгледа буквално како некоја африканска провинција среде џунгла. Нѐ одминуваат со манијачка брзина (барем за вакви услови) стотици мали моторчиња, кои се главното превозно средство на улиците на Кибдо. На некои се испоседнати и цели семејства, со по две деца. Околу 95 отсто од популацијата се Афроколумбијци, што уште повеќе го засилува впечатокот дека се наоѓате во Африка, наместо во некој дел на Латинска Америка. Живеалиштата, вегетацијата, луѓето… сѐ потсетува на јужниот континент, една сосема различна физиономија од онаа, на пример, на престолнината Богота, која беше мојата прва средба со оваа земја.
Пацифичкиот дел на Колумбија е едно од биолошки најразноликите места на светот. Кога пред 60 милиони години се издигнале Андите, овој дел на брегот се одделил и создал вистинска еволуциска оаза. Поради топографската разноликост на западните Анди и тропските горештини што ги има во текот на целата година, ова опкружување е совршено за развој на голем број растителни и животински видови, особено на птици и влечуги. Чоко е единствениот регион во Јужна Америка врз кој паѓаат дождови и од Тихи и од Атлантски Океан. И натаму важи за недоволно истражен регион, кој допрва треба да се открива.

Реката Атрато е нивниот мост со преостанатиот дел од земјата и светот

Кога стигнуваме во центарот на Кибдо, врие како во кошница, продавачи на банани, ученици во униформи, мали дуќанчиња за разна стока, прикрпени куќарки во разни бои, неколку асфалтирани улици… Вистински мал хаос, во кој некако сите лесно се снаоѓаат. Таквата смирена хаотичност ја нарушува само нашето присуство, „белите“ туристи не се баш вообичаена глетка во овој комплетно изолиран и отсечен предел од преостанатиот дел на Колумбија, а и од светот. Освен по воздушен пат, тука не се стигнува по копнени патишта, од причина што ги нема, а по воден, по реката Атрато, превозот би чинел завидна сума колумбиски песоси. Ни Колумбија не е толку туристички развиена земја, а регионот Чоко па едвај да пречекува понекој посетител. Оттука и недоверливите погледи кон нашите мобилни телефони во моментите кога се обидувавме да фатиме понекој кадар.

Аеродромот на Кибдо

Областа не само што е изолирана туку е и доста несигурна. Некои од главните патишта на дрогата поминуваат оттука, преку Панама, до дестинации во Северна Америка и понатаму, а и проблемите со локалните криминални банди, кои не се ни герила во вистинската смисла на зборот, го зголемуваат притисокот. Градот Кибдо и регионот Чоко страдаат од насилство повразно со Револуционерните вооружени сили на Колумбија (ФАРК), или герилски групи што се во конфликт со централната власт уште од 1960-тите. Сепак, нивните цели не се политички, туку главно криминални и главно поврзани со трговијата на дрога – Колумбија сѐ уште важи за најголем производител на белиот прав за богати – кокаинот. Затоа и многумина го сметаат овој дел на Латинска Америка за пекол на Земјата: климатски, безбедносно и географски. Регионот е како создаден за оние што се кријат од законот, за шверц на разна нелегална стока, плодно тло за герилците што војуваат против колумбиската власт, за шверцерите на дрога и за киднаперите. Тие се неизбежен нуспроизвод на долгогодишната крвава граѓанска војна во Колумбија, меѓу кои има и десничари и левичари лути на власта и подготвени да го киднапираат секој странец за кој ќе им се причини дека е можно да бараат богат откуп за да продолжат да ја финансираат својата борба. Од другата страна е параноичната локална власт, која под притисок на САД треба да се избори со секого од нив. Дури по завршувањето на посетата дознав дека во текот на целиот ден нѐ следело полициско обезбедување во цивил, сосема незабележливо, но веројатно и отповеќе потребно поради сериозната опасност за која таму не сте доволно свесни.

Бананите се неизоставни на скромното мени на жителите

Прва на агендата беше средбата со претставници на локалните женски здруженија. На мое изненадување, ги има неколку, а нивните цели (барем декларативно) се подобрување на положбата на жените во регионот. Иако таму владее своевиден матријархат, жените работат и учествуваат во донесувањето политички одлуки, на нивниот грб е и сѐ друго, децата, грижата за семејството, но нивниот глас најмалку се слуша кога е во прашање сексуалната самосвест. Имено, огромен е бројот на жртви од сексуално насилство, семејно и надвор од семејството, кои ретко се охрабруваат да проговорат за тоа. Жените ги сметаат за проститутки ако побараат од мажите да користат кондоми како заштита од бременост и болести, а насилното однесување на мажите, чија сексуална моќ има примат во оваа примитивна заедница, се смета за природно.

Ова и не беше најстрашното што го дознав на средбата со овој мал женски кружок. Нивна цел е прекинување на традицијата на обрежување на женските деца, грозоморен чин, кој, верувале или не, сѐ уште се практикува во овој регион. Имено, секое родено женско бебе е подложено на постапка на отстранување дел од клиторисот со вжештен клинец. Традиција карактеристична за многу африкански земји, каде што се изведуваат осакатувања, чии корени се многу векови наназад. Жените од Кибдо се сериозно посветени на извојувањето забрана на женското обрежување и надминување на верувањето дека осакатувањето ги намалува сексуалните страсти. Проблемот е да се трансформира општата заблуда дека клиторисот е опасен корен за сексуална моќ во сфаќање дека тоа е орган што девојчињата треба да го имаат. Иако весели и домаќински расположени, овие неколку самосвесни жени од Кибдо, откако проговорија за своите проблеми, ми оставија горчлив вкус во устата. Отпосле станав свесна за ова сурово прекршување на човековите права, како и за опасните физички и психички последици од ваквиот чин и сите трауми што ги преживуваат тие и нивните ќерки.

На средбата со претставниците на една од најголемите хуманитарни организации во Чоко, неколкумина од нив зборуваа за проектите на кои работат, главно за економски развој на нивната заедница, развој на земјоделството и подобра искористеност на реката Атрато, која е главен извор за жителите, како и развој на нејзината проодност и поевтин сообраќај. Атрато е нивниот мост со преостанатиот дел од земјата и светот, но сиромаштијата не дозволува таа да биде исползувана. Интересно е дека земјата што ја поседуваат е заедничка, не е приватна на поединци. Придонесите заеднички ги користат. Најголем проблем имаат со дивите копачи на злато и скапоцени камења, кои, како што велат, не само што вршат експлоатација туку и го уништуваат еколошкиот биодиверзитет на регионот. Еден од поголемите проекти со кој се занимаваат е подобрување на образованието. Го посетивме женското училиште во градот, очигледно дискриминацијата за која тие не се ни свесни почнува токму тука, во родовата сегрегацијата уште во образовниот процес. Како и да е, подобро е училиштата да ги има, дури и полово поделени, отколку воопшто да не постојат. Група црномурни девојчиња, облечени во симпатични карирани ретро-фустанчиња и чорапи до колена, стуткани во училница опремена со компјутери, љубопитно ги следат предавањата. Очигледно училиштето им е поглед кон преостанатиот свет, прозорец од изолираниот Кибдо, сместен среде дивата колумбиска џунгла.

Во градот нема многу можности за работа, барем не за легални професии. Особено не за жените. Една од ретките што имале можност да заработуваат е средовечна самохрана мајка со две деца, од кои едното со попреченост, која со хуманитарната помош успеала да отвори свој фризерски салон, или барем нешто што личи на салон – една маса, ножици, некој шампон и многу фотографии на африкански фризури, со карактеристичните суканици и плетенчиња. Вели дека има доста работа, дури и сосетките ѝ помагаат. Заработува повеќе од двесте долари месечно, што е далеку над нејзините очекувања. Веројатно важноста на индивидуалната помош и финансиска поддршка на овој пример е најевидентна. Таа сега живее солидно, трошната куќарка сега барем мириса на вкусна храна што се готви во една од просториите, адаптирана во кујна.

Колку и да изгледа неверојатно, градот има и свој музеј. Тоа е една на изглед обична куќа во боите на колумбиското знаме, но со интересна метална ограда во облик на брод на кој се пренесуваат робови. Музејот е сопственост на шармантен Афроколумбиец и целосно е негово дело. Збирката е комплетно посветена на африканското робовско минато, а се состои од повеќе простории во кои се распоредени предмети собирани по различни земји, но и неколку вредни артефакти, како што се оригинални синџири и окови за робови, како и монети со кои се плаќало за нив. Историјата на Кибдо и на регионот Чоко оди назад до 16 век. Шпанските колонизатори знаеле дека овој регион е богат со злато, па донеле огромен број робови од Африка за да работат во рудниците. Тие биле толку многу на број што во раните 1600-ти години веќе сите жители биле од африканско потекло. Музејот ја следи оваа историја преку презентирање на биолошката разновидност на регионот, сѐ до неговите културни и историски вредности (скулптури, маски, музички инструменти, предмети за домашна употреба, оружје и сл.). Идејата и желбата на сопственикот се да ја прошири оваа збирка и да ја пласира пошироко, преку изработка на веб-страница, со што ќе ја направи и меѓународно позната.

Еднодневната посета на Кибдо заврши со ручек во еден од „најексклузивните“ ресторани покрај реката Атрато, под стреата на недограден објект на правливата земја наместо под, но со превкусните специјалитети на куќата: речен вид риба, слична на нашиот крап, многу ориз и печени банани, неизоставни на скромното мени на жителите на Чоко, и секако најпознатиот колумбиски специјалитет, превкусната супа аијако, направена од пилешко месо, три вида компир, пченка и многу зачини. И додека уживавме во вкусовите на ова место, во заматената вода весело се шлапкаа неколку деца на различна возраст, воопшто не грижејќи се за процентот на нејзината загаденост. Еднакво спокојно во водите на Атрато пловеа кануа натоварени до врв со банани во сите бои, од темнозелени до силножолти и зрели, не обрнувајќи повеќе внимание на неколкутемина туристи што љубопитно ги набљудуваат како некаква егзотика. Животот во Кибдо продолжи да си тече во својата привидна смиреност, ползувајќи ги благодатите и недопрената еколошка чистота на природата, веројатно затоа што во овој изолиран предел, наспроти тешкиот воздух, безбедносните закани и тешката беда, таа е нивната најголема придобивка.