Етјен Кабе во 1840 година, во Лондон, анонимно го објавил делото „Патувањата и авантурите на лорд Вилијам Карисдал во Икарија“. Во 1842 година, во Франција, повторно го објавил, под свое име и скратен наслов „Патување во Икарија“. Книгата била многу успешна и во следните осум години била објавена уште четири пати. Делото може да се подели на неколку сегмента во кои Кабе ги опишува патувањето, искуствата и впечатоците на Карисдал во Икарија, историјата и револуцијата во Икарија, икаријанското општественото уредување, филозофските икаријански идеи и др.
Утопискиот остров Икарија
Во утопискиот остров Икарија им бил забранет влезот на сите патници, со исклучок на оние што сакале да се запознаат со начелата на икаријанската мудрост. При влегувањето морало да се плати мал износ, соодветен за временскиот период на посетата, а понатаму сѐ друго било бесплатно. Во Икарија немало стражари и царински службеници, бидејќи овие професии се сметале за срамни. Икара била главниот град на оваа утописка земја. Икаријанските архитекти ги проучиле најубавите градови во светот и, инспирирани од нив, ја создале престолнината. Ергелите, болниците, пекарниците, фабриките и складиштата се наоѓале во периферијата, а граѓаните живееле во центарот на престолнината, каде што улиците биле чисти, прави и широки. Куќите никогаш не биле повисоки од четири ката и секоја куќа располагала со убава градина. Секој граѓанин бил должен да ја одржува нивната убавина во интерес на градот.
Бурна историја
Икарија имала бурна историја. Во текот на повеќе крвави револуции се смениле неколку државни уредувања: аристократија, демократија, диктатура, конститутивна монархија и теократија, а во текот на 18 век, островот бил традиционална монархија. Во 1782 година во Икарија живееле 25 милиони луѓе, од кои 99,9 отсто биле сиромашни. Остатокот од населението се состоел од богата и привилегирана класа, која ја држела власта во свои раце. Во 1782 година, жителите на островот, под водство на Икар, кренале успешна револуција под мотото: суверенитет на народот, универзално право на глас, еднаквост, братство и заедничка среќа. По освојувањето на власта, била прогласена диктатура, а за провизорен диктатор бил именуван Икар. По неколку дена било објавено одржување на изборите за националното собрание и била формирана конститутивна комисија, која требало да дејствува врз идеите на Икар. Во исто време бил подготвен и педесетгодишниот транзициски план за остварување на икариските принципи. По изборите и формирањето на народното собрание, Икар се откажал од титулата диктатор.
Од свој страна, собранието му ја доделило почесната титула спасител на татковината и бил именуван за привремен претседател. На својата прва седница, народното собрание го одобрило преодниот план. Меѓутоа, во 1782 година армиите на околните монархии ја нападнале револуционерна Икарија, но нејзините жители победиле во војната. Во текот на овој период, Икар повторно бил именуван за диктатор. По победата, народот сакал да го именува Икар за доживотен диктатор, меѓутоа ја одбил понудата и претпочитал народот сам да се управува. Се задоволил со должноста претседавач на извршниот комитет. Потоа настапил период во кој се воделе преговори и дискусии за идниот општествен поредок. За спроведување на реформите биле задолжени петнаесет главни комитети и шеесет поткомитети. Било формирано статистичко биро, кое требало да го утврди точниот број на жителите, имотите, ресурсите и др., за да се помогне државното централно планирање. Икар починал во 1798 година. Вилијам Карисдал ја посетил Икарија во 30-тите години на 19 век, кога Икаровите општествени идеи биле реализирани.
Општествен поредок
Вилијам Карисдал во Икарија открил република што била поставена на егалитарни принципи, а во општеството не постоеле нееднаквост, приватна сопственост, пари, судски закони, тајна полиција и криминал. Образованието било универзално и слободно за мажите и жените, а општествените библиотеки внимателно собирале селектирани книги. Не постоела државана религија, меѓутоа Икаријанците биле христијани. Целиот остров бил заедничка сопственост на неговите жители. Земјоделството било организирано во рамките на комуни, кои се состоеле од неколку села, а за сета земја постоел единствен план за производство. Индустријата била основна економска гранка во Икарија. Помеѓу интелектуалниот и физичкиот труд не постоела разлика. Летните работни денови траеле седум, а зимските шест часа. Искористувањето на детскиот труд не постоело. Постоела еднаква распределба на производите, а сите нејзини жители добивале храна, облека и други елементарни средства. Икарија била поделена на провинции, а секоја провинција се делела на десет комуни.
Икаријанското општество било засновано врз принципите на заедничка сопственост, граѓанска еднаквост, сопственичка еднаквост, народна демократија, комунализам, мир, унификација и колективизам. Главно политичко тело во Икарија било народното собрание, кое се состоело од 2.000 члена, кои биле избрани од страна на граѓаните. Покрај ова собрание, постоеле неколку локални општински собранија, во чија работа учествувале самите граѓани, одлучувајќи за сопствените проблеми. Тие не биле изборни претставници, бидејќи луѓето се собирале на секои десет дена, секогаш на исто место и време. Извршната власт се наоѓала во рацете на извршниот комитет, кој се состоел од претседател и 16 министри, со мандат од две години, и се потчинувал на волјата на народното собрание. Покрај него, постоеле провинциски и општински комитети, кои се грижеле за локалните работи. Судството било релативно, затоа што во Икарија речиси немало криминал и деликвенција.