Прекумерната употреба на социјалните медиуми за време на пандемијата е поврзана со развој на депресија и секундарна траума, покажа новото истражување на научниците од Универзитетот во Пенсилванија и универзитетот „Јинан“ во Гуангџоу, Кина. Во студијата, објавена минатиот месец во списанието „Компјутерс ин хјуман бихевиор“, биле анкетирани 320 лица што живеат во Вухан за тоа како доаѓале до здравствени информации и ги споделувале со пријателите, членовите на семејството и со колегите преку „ВиЧет“, најпопуларната апликација за кореспонденција во Кина. Исто така била користена и скала на стрес за мерење анксиозност и депресија на тој начин што од испитаниците било побарано да оценат изјави како што се: „Почувствував дека животот е бесмислен“ и „Имав вознемирувачки соништа за епидемијата“.
Бу Јонг, професор по новинарство на Универзитетот во Пенсилванија и коавтор на студијата, вели дека тимот почнал да ги истражува ефектите на социјалните медиуми врз менталното здравје на луѓето откако Вухан бил ставен во карантин за борба против ширењето на коронавирусот. Претходните истражувања покажаа дека повеќе луѓе се потпираат на социјалните мрежи во наоѓање и споделување информации за време на кризи. Така, помеѓу крајот на март и почетокот на мај, од 46 до 51 процент од Американците рекле дека ги користат социјалните медиуми почесто отколку пред пандемијата, покажува истражувањето спроведено од Харис Пол. Новата студија покажала дека повеќе од 50 проценти од анкетираните, од кои никој не страдал од траума или депресија пред пандемијата, доживеале одредено ниво на депресија.
Речиси 20 проценти од испитаниците изјавиле дека доживеале од умерена до тешка депресија, а нешто повеќе од 20 проценти доживеале од умерена до тешка секундарна траума, што може да се појави кога луѓето ќе слушнат за трауматските искуства на другите. Врз основа на моделот на научниците, прекумерната употреба на социјалните медиуми била поврзана со потешка депресија и секундарна траума.
Истовремено, Јонг истакнува и дека е важно да се разбере како сите видови социјални медиуми, вклучувајќи ги и платформите како Фејсбук и Твитер, може да им помогнат на луѓето за време на здравствена криза.
– Ние не сакаме луѓето да мислат дека социјалните медиуми се лоши. Ние само сакаме да знаат дека треба да има рамнотежа. Кога ќе го преминете прагот и ќе почнете да проверувате на секои пет или десет минути, тоа може да ви донесе уште поголем стрес – вели тој.
Според истражувачите, луѓето што добивале повеќе здравствени информации на „ВиЧет“ ѝ придавале преголемо значење на содржината, доживувајќи поголема депресија и секундарна траума од оние што помалку ја користеле. Затоа, тие препорачуваат паузи од социјалните мрежи за време на стресна здравствена криза, како оваа пандемија на коронавирусот.
– Не треба да ги обвинуваме социјалните медиуми. Треба само да обрнеме внимание на тоа како ги користиме – смета професорот.