Јануари се смета за месец за донесување одлуки за спасување животни, зачувување на животната средина и подобрување на здравјето. А „Вегануари“ е годишен предизвик што се применува секој јануари. Инициран е од непрофитна организација во Велика Британија, која промовира и едуцира за веганството, охрабрувајќи ги луѓето да водат вегански начин на живот во јануари. Кампањата почна во 2014 година, а учеството во неа се зголемува повеќе од двојно секоја година. Засега се пријавени над 540 илјади учесници.
Организаторите најавија дека во јануари 2021 година се очекуваат рекордни резултати.
Една нова студија на инвестициската банка УБС за билни алтернативи на месото, како што се зеленчукови плескавици и колбаси, покажува дека сѐ поголем број луѓе се обидуваат да пробаат нови вегански производи.
Пропорцијата на луѓе што пробале алтернативи се зголеми од 48 на 53 отсто помеѓу март и ноември 2020 година. Истражувањата исто така покажуваат дека половина од оние што пробуваат алтернативи на месо од растително потекло продолжуваат да ги јадат барем еднаш неделно. Некои луѓе се одлучуваат на веганство од љубов кон животните, други сакаат да се чувствуваат подобро и да бидат повитални, некои сакаат да ѝ помогнат и да ја спасат планетата, а некои го прават тоа поради птичјиот грип, ковид-19 и други пандемии поврзани со јадење месо, млеко или јајца.
– Според нашите сознанија, едно од секои две домаќинства во Велика Британија купувало производи без месо во текот на минатата година, а „Вегануари“ е одлично движење за поддршка на ова – изјави Викторија Саутерн, директорка за маркетинг и категории во „Кери фудс“.
Според Тони Вернели, глобален раководител за комуникации и маркетинг во „Вегануари“, оваа година значително се зголемил бројот на луѓе што се придржуваат кон 31-дневно јадење без месо, поради пандемијата. Тие сметаат дека ова би била година на позитивни промени.
– Многу тешкотии и проблеми донесе2020 година, но исто така ни овозможи да се промениме и да градиме подобра иднина. „Вегануари“ им нуди на луѓето начин да преземат позитивни активности за да ги заштитат нашето здравје и нашата планета, како и да помогнат да се спречат идните пандемии. Огромниот одговор што го имавме оваа година ни покажува дека ова е токму она што им треба на многу луѓе во моментов – вели Тони.
„Вегануари“ нуди откривање нови и возбудливи јадења, создавање нови пријатели, подобрени атлетски перформанси, почиста кожа, повесело расположение, повеќе енергија и подобар сон.