Фото: Маја Јаневска -Илиева
„Првпат за името Македонија слушнав на „Евровизија“, рече пејачката на познатата британска група „Тексас“ на денешната прес-конференциаја во Скопје. Бендот во петок во СРЦ „Кале“ ќе има средба со скопската публика, со која требаше да се сретне во рамките на фестивалот „Скопје колинг“, што се одржа во јуни, но поради повреда на Шарлин беше одложен во последен момент.
 
Сепак,добрата вест е дека на фестивалот „Тексас“ ќе свиреа 70, а  сега ќе уживаме во нивната музика цели 120 минути. „Тексас“ доаѓаат директно од Шведска, каде одржаа концерти во Стокхолм и во Малме.
Фото: Маја Јаневска -Илиева
 
– Никогаш не планирам како ќе звучи нашиот концерт, туку оставам публиката заедно со нас да тргне на неочекувано музичко патување. Исто така не се информирам претходно каде доаѓам, а така беше и овојпат. Да првпат сме во Македонија, но се надеваме не и последен – рече шармантната и харизматична пејачка, која расположено одговараше на прашањата на новинарите.
 
Инаку, таа само пред 20-тина дена се омажи за својот долгогодишен партнер, познатиот британски готвач Брин Вилијамс, а била облечена во венчаница на познатата креаторка Стела Макартни, нејзина добра пријателка.
Фото: Маја Јаневска -Илиева
 
Педестегодишната британска музичка ѕвезда, откри и дека групата го добила името по познатиот филм на Вим Вендерс, „Париз Тексас“. 
 
-Имав 15 години кога првпат го гледав филмот и си реков, да тоа би било интересно име за група. Инаку, бев во Тексас, САД, во Остин и во Далас и ми остави впечаток големото пространство, кое, искрено, делуваше и многу пусто – рече Шарлин.
Фото: Маја Јаневска -Илиева
 
Запрашана да издвои некоја нејзина најомилена песна, рече дека сите ги сака на свој начин.
 
– Интересно е кога на концерт, некој од публиката ќе не потсети на некоја наша постара нумера, па тогаш повторно преслушувам некои од албумите. Всушност јас уживам во мојата професија, во музиката, во пишувањето песни, контактите со публиката, со разни луѓе – вели таа.
 
Шарлин откри и дека нејзината 16-годишна ќерка сака да го слуаша Џастин Бибер, но тоа не значи дека не знае што е добра музика, кога постојано е опкружена со неа. Стана збор и за нејзината хуманитарна активност, за помош на децата болни од канцер.
 
Скопската публика ќе ужива во настапот на едни од најголемите британски музички ѕвезди, кои се на врвот веќе три децении. Досeга продале албуми во тираж од 40 милиони примероци, а 13 нивни синглови се нашле на врвот на УК листата и осум албуми на УК топ 10, вклучувајќи го и последниот „Jump od Board“, издаден минатата година.
 
 
Концерт на „Тексас“ ќе почне во 20 часот, а предгрупа ќе биде македонската рок група „Ареа“.
 
М.Т.