Научници од САД за првпат успеаја целосно да го отстранат ХИВ-вирусот од животни со помош на модирање на гени. Ова истражување би можело да претставува пресвртница во борбата против болеста, давајќи надеж дека лекот наскоро би можел да биде пронајден, пренесува „Дојче веле“.
Глувците биле излечени откако истражувачи од САД успеаја да го отстранат вирусот од клетките на животните, според студија објавена во списанието „Нејчр комуникејшнс“ неделава.
Истражувачите од универзитетот Темпл во Пенсилванија и од универзитетот во Небраска развија двостепен пристап за елиминирање на вирусот од геномот на глувците.
Во првиот дел од третманот се ослободува посебна форма на бавни антиретровирусни лекови, или наречени „ласер арт“, кои го спречуваат напредувањето на ХИВ, со што нивна цел е животниот циклус на вирусот, без да го елиминираат.
Во вториот дел, научниците употребиле „ЦРИСПР-Цас9“ модификатор на гени за да ја отстранат ДНК-та на ХИВ од заразените клетки.
По комбинираниот третман, кај една третина од глувците во истражувањето повеќе немало трага од вирусот.
Поради постигнатите резултати, годинава истражувачите се надеваат дека процесот ќе биде тестиран и на луѓе.
– Имаме јасен пат по кој треба да се движиме. Следните испитувања ќе вклучуваат тестови на примати заболени од вирусот, а при крајот на годината веројатно ќе започнат и тестови на луѓе – изјави д-р Камел Калили, која го предводеше истражниот тим на универзитетот Темпл.
Засега не постои лек за ХИВ/СИДА, но неодамнешните истражувања покажаа дека антиретровирусни лекови за потиснување на вирусот можат да го спречат вирусот да биде сексуално пренослив.