Збогум за Милан Лане Гутовиќ (1946-2021)
Големиот српски филмски и театарски актер Милан Лане Гутовиќ (75), кого во регионот сите ќе го паметат најмногу по неговата најпозната улога Среќко Шоиќ во серијата филмови „Тесна кожа“ и во ТВ-серијата „Бела лаѓа“, почина во средата на Воено-медицинската академија во Белград.
Гутовиќ е роден на 11 август 1946 година, во местото Умка, близу Белград, а потоа живеел во Кумодраж. Неговата последна желба е токму таму да биде и неговото вечно почивалиште, која, како што објави семејството, ќе се испочитува.
Милан по завршувањето на средното училиште сакал да се запише на Природно-математичкиот факултет, но се обидел на Академијата за театар, филм, радио и телевизија, каде што веднаш бил примен. Дипломирал во 1967 година, во класата на професорот Миленко Маричиќ. Набрзо Бојан Ступица ги вработил него и неговите колеги (Јосиф Татиќ, Светлана Бојковиќ, Иван Бекјарев, Ѓурѓија Цветиќ и Танасие Узуновиќ) во Југословенско драмско позориште, каде што работел до 2002 година.
Првак на драмата на народниот театар станува во 2006-та, а се пензионирал кон крајот на 2011 година. Играл и во театрите „Звездара“ и „Славија“, како и во „Битеф театар“, „Ателје 212“, Београдско драмско и во повеќе театри во регионот. Одиграл голем број театарски улоги, а ќе остане запаметен како Камиј во „Болва во уво“ на Фејдо и како Владимир Недељковиќ во „Пучина“ на Нушиќ. Генерации го паметат неговото авторско кабаре „Обична вечер“, со кое пропатува низ целиот свет, а тоа е и прва претстава на српски јазик одиграна на Бродвеј. Филмската кариера ја почна во 1968 г., кога дебитира во „Бегство“ на Радош Новаковиќ. По една деценија ја доби првата главна улога во филмот „Другарчин“ на Миќа Милошевиќ. Улогата на Среќко Шоиќ во „Тесна кожа“ му донесе огромна популарност, а истиот лик го заигра и во серијата „Бела лаѓа“, која благодарение на неговата актерска креација беше, но и сѐ уште е, една од најгледаните ТВ-серии. Негова последна креација беше претставата „Украдена личност“, која ја проследи и македонската публика во мај 2018 г., во Домот на АРМ. И денес луѓето од целиот регион често ги употребуваат репликите на Среќко Шоиќ, како: „И јас сакав да бидам капетан на бела лаѓа“ и „Јас сум изненаден и навреден“.